Претседателот на Косово Хашим Тачи вели дека на средбата со српските државни лидери, што в сабота, на 27 јуни, треба да се одржи во Вашингтон, ќе побара припојување на Прешевската долина кон Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во интервју за агенцијата КосоваПрес, Тачи изјави дека обединувањето на Прешевската долина со Косово е „принципиелно прашање за државата”, кое секако ќе се отвори на средбата во Белата куќа, но не верува дека околу тоа може на 27 јуни да се постигне договор.
– Јас сум бил, сум и ќе останам силен заговорник на тоа Прешево, Медвеѓе и Бујановац да се припојат кон Косово. Знам дека ќе биде многу тешко, но мене тоа не ме спречува прашањето повторно да го изнесам на маса. Ова прашање не е ничиј монопол и ничија сопственост, како што не е ни моја. Се работи за принципиелно прашање за државата и во Вашингтон ќе има принципиелни и цврсти преговори, изјави Тачи.
Тој вели дека идејата за формирање балкански „мини-Шенген” за Приштина е неприфатлива пред постигнувањето конечен договор со Србија, кој, според него, би требало да резултира со меѓусебно признавање на двете држави и зачленување на Косово во Обединетите нации и меѓународните организации.
Според Тачи, договор меѓу двете држави не може да има без претходно да се изврши демаркација на границата меѓу нив, како услов за „затворање на конфликтот Косово – Србија”.
– Демаркацијата, нормално, ќе се направи во постоечките линии, но сепак треба да се затвори. Ова, се разбира, отвора различни теми и дискусии, јас не сум експерт во тој правец, но не може да има затворање на конфликтот Косово – Србија без определувањето на граничната линија, изјави Тачи.
Со посредство на специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп, амбасадорот Ричард Гренел, Тачи и косовскиот премиер Авдулах Хоти в сабота во Белата куќа во Вашингтон треба да се сретнат со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, за да ги продолжат преговорите за нормализирање на односите меѓу двете држави.
Преговорите меѓу Приштина и Белград, што тогаш се водеа со посредство на Европската унија, беа прекинати во ноември 2018 година, откако тогашната косовска Влада, предводена од Рамуш Харадинај, воведе такса од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Хеерцеговина.
Во март годинава владата на Албин Курти ја укина таксата и воведе реципроцитет во трговските односи, додека наследникот на Курти, Авдулах Хоти, веднаш откако на 3 јуни ја презеде функцијата, го укина и реципроцитетот и целосно ја либерализира трговијата со Србија. Со ова, според Приштина, но и според Вашингтон и Брисел, се отстранија пречките за продолжување на дијалогот.