Педесет и пет илјади граѓани веќе ги имаат добиено платежните картички и активно може да ги користат и да купуваат домашни производи и услуги. Вкупно 320 илјади граѓани треба да добијат домашна платежна картичка. Испечатени се 220 илјади картички. Банките интензивно работат и секојдневно издаваат по илјадници картички.
Ова го соопшти министерката за финансии Нина Ангеловска во видео обраќање на својот ФБ профил, која порача дека сите кои не ја добиле картичката да се информираат преку веб страниците или кол центрите на банките и сите кои поднеле приговори ги увери дека на сите на кои им следува ќе им биде доделена.
-До денеска, односно заклучно со вчера вкупно се издаде 55 илјади платежни картички од мерката Домашна платежна картичка веќе ги користат активно и плаќаат со овие картички. Финансиска поддршка ќе добијат 320 илјади граѓани. Целата мерка е 28 милиони евра, средства што веднаш ги префрливме кон банките, од нив 10,7 милиони евра се исплатени на наменските сметки на корисниците на картичките, истакна министерката.
Таа појасни дека за мерката се пратени 50 илјади мејлови со забелешки, од кои 20 илјади се одговорени и се однесуваа на прашања од граѓаните во врска со активирање, подигнување на картичките…, додека 30.000 се со матични броеви, кои веќе се распределени до надлежните институции, се проверуваат и сите граѓани што поднеле приговор и доколку се утврди дека ги исполнуваат критериумите ќе добијат картички.
Повика на трпение и најави дека до крајот на неделата ќе ги добијат сите информации од институциите што ја вршат проверката и граѓаните ќе бидат информирани.
-Ве уверувам дека сите на кои им следи по проверките ќе ја добијат. Нема никој да биде заборавен и нема да биде изоставен, потенцира Ангеловска.
Мерката Домашна платежна картичка е дел од третиот пакет мерки на Владата, а целта е да влијае на амортизирање на ударот врз економијата, односно подобро да се справиме со ударот врз економијата како резултат на забавување на економската активност.
-Сега кога сме во фаза на реотворање на сите капацитети кои беа затворени потребно е да ја зајакнеме домашната потрошувачка. Покрај што ќе се стимулира приватната потрошувачка ќе се даде и се дава финансиска поддршка на граѓаните со цел истите во краток временски период да ги потрошат овие средства кај погодените сектори, рече министерката.
Покрај поддршката на над 320 илјада граѓани, очекуваме и дополнителни ефекти, како што е промена на навиките за безготовинско плаќање, што повеќе трговци да постават постерминали во своите маопродажни објекти, и со тоа понатаму не само да се влијае на навиките и да одиме кон безготовинско плаќање, туку дополнително да се справиме и со неформалната економија.
Картичките ги издаваат девет банки, најголем број, односно 280 илјади ги издаваат поголемите банки НЛБ Банка, Комерцијална и Стопанска.
Може да се користат за во хотели, одморалишта, туристички агенции, угостителски објекти, ресторани, супермаркети, продавници за храна, пилјари, пекари, мебел, производи за домаќинство, книжарници, спортска опрема, облека, аптеки, салони за убавина, фризерски салони…, и во сите овие продавници може да купуваат домашни, односно македонски производи и услуги.
Појасни дека во продажните објекти ќе бидат поставени на посебно место или ќе бидат означени, а како македонски производи се сметаат оние во кои на декларацијата е наведено дека производот е произведен во Република Северна Македонија.
Овие производи, како што појасни, отсега ќе бидат и маркирани во фискалната сметка.