Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абдул Гејт, денеска предупреди дека анексијата на Израел на делови од Западниот брег ќе го загрози блискоисточниот мир и може да предизвика, како што кажа, „религиозна војна во и надвор од нашиот регион”.
Гејт, кој ја предводи организацијата на 22 арапски земји членки, оцени дека анексијата нема да биде „само штетна за шансите за мирот денеска, туку ќе ги уништи сите изгледи за мир и во иднина”.
На Советот за безбедност на ОН тој му порача дека анексијата ќе има „пошироки последици за меѓународната безбедност ширум светот”.
Видео средбата на ова тело се одржа во пресрет на 1 јули, кога премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху, најави дека ќе го претстави планот за анексија.
Израел го освои Западниот Брег од Јордан во блискоисточната војна од 1967 година и таму изгради десетици населби каде сега живеат речиси половина милион Израелци, но никогаш официјално не тврдеше дека е израелска територија заради жестоката меѓународна опозиција.
Поголемиот дел од меѓународната заедница смета дека еврејските населби во Западниот Брег се нелегални според меѓународното право.