Владата ќе го слуша гласот на народот, ќе си ги признава сопствените грешки, ќе го третира невладиниот сектор како коректив, за да може да ги создаде европските услови за живот овде, дома – истакна Никола Димитров, носител на листа од ИЕ1 од СДСМ и коалицијата „Можеме” во вечерашното издание на дебатната емисија „Само вистина” на Канал 5 телевизија.
Јас почестен сум што ја имам таа должност и привилегија, мислам дека тоа е на линија на нашите политики во однос на граѓанскиот сектор, мислам дека успеавме последниве две и пол – три години да направиме една атмосфера каде Владата ќе го слуша гласот, ќе признава грешки, ќе го третира невладиниот сектор како коректив. Единствена надеж и одлучност да ја ставиме државата на шините што одат напред на овие избори е СДСМ со лидерството на Заев. Единственото што другата опција умее да го прави е да замаглува и со тоа да го отежнува прогресот на државата.
Димитров во телевизискиот дуел, прво од официјалното започнување на предизборната кампања, ги потенцираше достигнувањата на Владата на СДСМ: „За помалку од 3 години направивме пресврт во клучни области, вклучително и во надворешните работи, но имаме уште доста работа да завршиме” објаснувајќи дека првиот човек на Обединетите Нации, генералниот секретар Гутереш ја истакна нашата земја, како еден од ретките големи успеси во светот во време кога на глобален план, не само во меѓународните односи, се случуваат се’ помалку успешни приказни. Решавањето на спорот со Грција беше поздравено од сите релевантни меѓународни фактори, истакнувајќи го Договорот од Преспа како историски, притоа добивме и награди. Само нашата и грчката опозиција беа против решавање и одење напред.
И изјавата на човекот кој беше најупатен, медијаторот Нимиц зборува за дволичноста на ВМРО ДПМНЕ во однос на постигнувањата на Договорот: „После Преспа никој во светот не може да спори дека во Северна Македонија живеат Македонци коишто зборуваат македонски јазик” – поентираше Димитров.
„Нашата следна битка мислам дека е за функционална демократија и за владеење на правото, за одговорност. Флоскулите на старата политика треба да ги замениме со отвореност и искреност, јас мислам дека е време сите ние како граѓани да научиме да следиме идеја и визија, па да имаме различни идеи, тоа е важно. “