Во Струмица се одржа првиот собир со граѓани на СДСМ и коалицијата „Можеме” од победничкиот караван на кој носителите на листата со кандидати за пратеници од изборна единица 4, претседателот на СДСМ Зоран Заев и Соња Мираковска од НСДП ги претставија кандидатите за пратеници и мерките од програмската агенда за следните 4 години.
„Денеска ја почнуваме кампањата од мојата Струмица. Струмица секогаш беше пример за слободата, демократијата, развојот на економијата. Од Струмица влегуваме во нов поход барајќи од граѓаните поддршка да ја водиме нашата земја напред”, порача претседателот Заев на почетокот од своето обраќање.
Претседателот Заев пред струмичани зборуваше за успесите кои беа постигнати во изминатите неполни 3 години во кои СДСМ има чест да ја води државата. Како историски најголем успех го истакна зачленувањето на нашата земја во НАТО, постигнувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија и Преспанскиот договор кои донесоа многу меѓународни награди и признанија на државата и вредни пријателства. Паралелно со меѓународните успеси, како што посочи претседателот Заев се случуваа успеси и на домашен план, се зголемија минималната и просечната плата, се зголемија пензиите, за 40% пораснаа платите на здравствените работници, лековите станаа достапни во секое време и насекаде, а 70 милиони евра беа доделени на приватниот сектор.
„Носевме храбри одлуки кои ја изведоа државата на прав пат и граѓаните тоа го препознаваат. Политичарите кои носат храбри одлуки се свртени патриотски кон својата земја. Од другата страна немаа став за државничките одлуки, а немаа став и за време на кризата со корона вирусот. Не дадоа ниту еден предлог, а цело време се изживуваа и го масакрираа здравството. Политиканство прават врз нашите херои, лекарите и медицинските сестри. Не може да водите негативна кампања и да коментирате од кафана и теретана, тоа е крајно неодговорно. Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не е сменето, тие се управувани од Будимпешта и од белиот дворец”, рече претседателот Заев.
Претседателот Заев ја презентираше новата понуда на СДСМ и коалицијата „Можеме” пред струмичани. Тој истакна дека грижата за ранливите категории се проширува со опфат од 26.000 граѓани на 34.000 граѓани, за 30% ќе се зголеми просечната плата, а минималната ќе се зголеми за повеќе од 40%, за 21% зголемување на пензиите, а 600 милиони евра ќе бидат поддршка за приватниот сектор. Претседателот Заев најави прочистување и ревизија на судството, а во здравството најави нови инвестиции.
„Овие избори доаѓаме со нови планови коишто заедно ќе ги оствариме. Со реални, издржани и остварливи цели. Вие ни дадовте доверба да зачекориме на патот до НАТО И Европската Унија. Нашата визија е во 2024 нашата земја да биде етаблирана членка во НАТО. Држава со отворени поглавја за влез во ЕУ, земја во која младите ја гледаат својата шанса. Напоредно ќе работиме на темите коишто се важни за поединецот, како и за целото општество, затоа што единката е дел од заедницата. Само кога се слушаме едни со други и покажуваме интерес за проблемите и идеите на другиот, заедно растеме. Затоа, нашите идни политики ќе имаат силна економска подлога, но не за сметка на здравјето на граѓаните. Еколошки одржливи проекти, поголема контрола на производствените капацитети и усогласување на законските регулативи во сферата на животната средина се високо на нашите приоритети”, порача Соња Мираковска, носителка на кандидатската листа на изборна единица 4 од коалициониот партнер НСДП.
На крајот од одржувањето на собирот со граѓаните од Струмица, претседателот Заев ги повика граѓаните да излезат на изборите кои ќе бидат 100% безбедни по здравјето и да го дадат својот глас за СДСМ и коалицијата „Можеме” за да продолжи државата по правиот пат.