Кабинетот на претседателот на Косово Хашим Тачи, по објавувањето на веста дека Специјалниот суд за Косово покрена обвининие против него за воени злосторства, потврди дека тој го откажа учеството на средбата со српските челници, што треба да се одржи в сабота, на 27 јуни, во Белата куќа во Вашингтон, јави дописникот на МИА од Приштина.
Со кратко соопштение до медиумите, од кабинетот на Тачи наведуваат дека тој го прекинал патувањето за САД и дека се враќа во земјата.
Информацијата дека Тачи го прекинал патувањето за Вашингтон, каде што заедно со премиерот на Косово Авдулах Хоти требаше да учествува на средба во Белата куќа со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, во изјава за медиумите ја потврди и неговиот советник Адиљ Бехрами.
Претходно и Ричард Гренел, специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, преку својот Твитер објави дека „ја разбира одлуката на Тачи”, но дека средбата на челниците на Косово и Србија за продолжување на дијалогот, сепак, ќе се одржи и Косово на неа ќе го претставува премиерот Хоти.
– Претседателот на Косово штотуку не информира дека го одложи патувањето во Вашингтон, по објавата од Канцеларијата на специјалниот обвинител. Ја почитувам неговата одлука (…) ги чекаме саботните разговори кои ќе се водат од претседателот Вучиќ и премиерот Хоти, напиша Гренел на Твитер.