Големите колони на преминот Промахонас на бугарско-грчката граница се намалија, а тестирањето на српските туристи на коронавирус кога влегуваат во Грција е многу ретко, пренесува туристичкиот портал „Грција инфо“.
Како што е наведено, според информациите на српските туристи, повеќе не се чека неколку часа за да се влезе во Грција, а во последните денови, формалностите на премините траат од дваесет минути до половина час.
„Туристите известуваат дека тестот не е страшен, дека не боли и дека изгледа како земање брис од грлото. Доколку некој е позитивен на вирусот, ќе добие порака во рок од три дена на телефонскиот број што го оставил на границата. Ако пораката не пристигне, тоа значи дека сè е во ред“, наведува „Грција инфо“.
Во моментов Грција има најголем број туристи кои доаѓаат со своите автомобили, а тоа се Срби, Бугари и Романци.
Сè уште нема Германци, Англичани, Македонци или туристи од БиХ и други, кои ќе започнат да пристигнуваат околу 1 јули.
Повеќето барови на плажа и продавници ќе бидат отворени од 1 јули па наваму.
Граничниот премин Евзони, меѓу нашата земја и Грција, се очекува да биде отворен на 1 јули.
Засега, српските туристи можат да се вратат во Србија преку нашата земја, со максимален престој од пет часа .
Нашата Влада донесе одлука да ги отвори сите гранични премини од 26 јуни без дополнителни ограничувања.
Грција има просек од 10 до 15 новозаразени со коронавирус на ден, а бројот на починати е многу мал.
Во изминатите седум дена тестовите што беа направени случајно на границата меѓу Бугарија и Грција, покажаа пет случаи позитивни на Ковид-19, пренесува порталот „Грција инфо“, додавајќи дека не се информирани дека меѓу позитивните има туристи од Србија.