Обезбедена крвна плазма за лекување на 31 пациент со коронавирус

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени 31 единица конвалесцентна плазма за третман на 31 пациент со Ковид-19. Од нив, 16 се преку постапка плазмафереза и 15 единици преку стандардно дарување крв.

„Во оваа установа е изготвен и протокол за дарување плазма. Сакам да изразам искрена благодарност кон хуманите дарители кои секојдневно се пријавуваат искористувајќи секаков начин и тоа преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот, со директно јавување, а во последно време и преку социјалните мрежи, само да даруваат и да помагаат на нашите пациенти“, изјави директорот на Институтот, д-р Седула Усеини.

Дарител може да биде секое лице излечено од коронавирус кое ги исполнува условите за дарување плазма наведени во протоколот. Лицето треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирус.

Понатаму, машки дарители или женски дарители кои не раѓале или се негативни на HLA-антитела. Исто така, ќе биде земен и примерок за одредување на концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.

Постапката за дарување плазма се вика плазмафереза и се изведува со високософистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надоместува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години, со телесна тежина поголема од 60 килограми и кое ги исполнува наведените критериуми.

Конвалесцентната плазма содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и истите со дарување на конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста во друго лице со Ковид-19.

Формулар за донор на Ковид-19 ковалесцентна плазма.

Треба да знаете
Последни објави