Во Турција почна судењето на седуммина новинари кои се обвинети за наводно одавање државна тајна.
Станува збор за тајни што тие ги објавиле во своите извештаи за погребот на еден претставник на безбедносните служби, кој беше ликвидиран во Либија, пренесуваат американските меидуми.
Новинарите од порталот „Одатв”, прокурдскиот весник „Јени Јасам” и десничарскиот весник „Јеничаг” се обвинети за кршење на регулативите за национална безбедност и протекување на класифицирани информации.
Доколку бидат осудени на обвинетите им се закануваат затворски казни од осум до 19 години.
Обвинетите, кои од март се во притвор, се товарат дека постапувале „на систематски и координиран начин”, но критичарите на судскиот процес велат дека името на разузнавачот кој бил убиен во Либија, претходно било споменето во турскиот Парламент , што значи дена ниту било, ниту е тајна.
Комитетот за заштита на новинарите од Њујорк испрати барање до Турција „да ги отфрли обвиненијата”.
Во моментов околу 80 турски новинари и медиумски работници се наоѓаат во затвор, наведува турското Здружение на новинари.