Во целиот источен и југоисточен регион на нашата земја во тек е интензивна градежна офанзива, истакна техничкиот премиер, Оливер Спасовски, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, денеска извршија увид во градежните работи на рехабилитацијата на државниот пат А2, делница Куманово – Страцин.
„ Во целиот источен и југоисточен регион на нашата земја е во тек интензивна градежна офанзива. Завчера бевме во Крива Паланка, а претходниот ден во Валандово за да ги охрабриме изведувачите на голем број инфраструктурни проекти да продолжат со исто темпо и да ги испочитуваат роковите за исполнување на обврските и да се завршат експресните патишта, регионалните, локалните, да финишираат работите на големите системи за наводнување, канализационите мрежи – сите од огромен интерес за граѓаните бидејќи дојдоа како резултат на нивните барања. И денеска сме тука со истата намера“, истакна премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека сите проекти се реализираат според планот и дека ќе бидат завршени во утврдените рокови.
„Овде се работи на делницата од Куманово до Страцин, долга 16,6 километри. Се рехабилитира комплетната коловозна конструкција со асфалтирање во два слоја и се изведува санација на 3 моста и 10 плочести пропусти. Се гради заштита на косини со армирано бетонски и габионски ѕидови и се поставува заштитна мрежа заради безбедност. По должина на делницата се реновираат и градат 7 паркиралишта и 8 автобуски станици и се изведуваат работи за комплетна обнова на хоризонталната и вертикалната сигнализација по целата траса, како и електричното осветлување на патот што поминува низ населеното место Страцин“, информираше премиерот Спасовски.
Тој објасни дека и во услови на пандемија градиме по план, современа инфраструктура за современа држава, а градежната офанзива не запира.
„Денес инвестициите во инфраструктурата, во патиштата се инвестиции за подобрата поврзаност на локалните заедници со големите економски центри. Тоа се инвестиции за можности за новата развојна македонска економија. Ги прошируваме капацитетите на меѓународните коридори за да ја подобриме економијата, се проширува патната и граничната инфраструктура на клучните премини Ќафасан и Деве Баир. Тоа е современа инфраструктура за современа економија. Градиме за да ни се развиваат селата подеднакво како и градовите, градиме за секое населено место да е подобро поврзано со останатите. Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој, особено во овој дел на земјата кој еден подолг период беше запоставен“, истакна премиерот Спасовски.
Тој прецизираше дека оваа Влада наследи хаос со неплански и недомаќински планови за патишта, што непотребно креирало дополнителни трошоци за санирање на штетите, но тоа не ја обесхрабрило Владата.
„Напротив, во последните три години со спротивен пристап, со домаќински, чесен и одговорен, европски однос инвестираме во најнеопходните работи за современа држава – инфраструктура за сите, во сè она што е важно за граѓаните и државата. Денес Владата предводена од СДСМ интензивно вложува во Куманово и со тоа ја исправа долгогодишната неправда што со години му беше нанесувана на овој град. Рехабилитирани патишта во должина од 112 км и тоа: Куманово-Опае, Куманово – Никуштак, Куманово – Свети Николе, Младо Нагоричане – Пелинце, Куманово – Страцин и Ропалце – Матејче – Липково. Овие регионални патишта околу Куманово никој не ги реконструирал повеќе од 40 години“, потенцираше на крај премиерот Спасовски.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, во својата изјава истакна дека на Коридор 8 се работи на комплетно нова патна мрежа, преку изградба на нови и реконструкција на постоечките патишта.
„ Ова е делницата Куманово – Страцин, делот што во моментов го рехабилитираме e во вредност од 7,2 милиони евра, средства од Буџетот на ЈПДП, а во меѓувреме тече тендерска постапка за рехабилитација на дополнителни 15 километри со средства од ИПА-програмата. Значи, само за рехабилитација на регионалниот пат Куманово – Страцин инвестираме преку 14 милиони евра“, потенцираше министерот Сугарески.
Тој објасни дека модернизацијата на Коридор 8 е од клучно значење како за регионално поврзување и зголемена соработка на нашата земја со соседна Бугарија, така и за унапредување на транспортот, брз и безбеден превоз на стоки и патници и генерално создавање услови за зголемена конкурентност и развој на регионот и економски раст на државата.
„Во таа насока, Владата предводена од СДСМ инвестира преку една милијарда евра за нова и модерна инфраструктура во државата. Завршивме преку 800 километри патна мрежа, а само во моментов градиме и рехабилитираме преку 400 километри патишта. За изградба и рехабилитација на патниот Коридор 8 во овој момент инвестираме околу 90 милиони евра“, објасни министерот Сугарески.
Тој потсети дека покрај рехабилитацијата на регионалниот пат Куманово – Страцин, се рехабилитира и постоечкиот пат Ранковце – Крива Паланка, се реконструира и се гради трета лента на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, а во меѓувреме се гради нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка.
„Со овие проекти го стимулираме градежниот сектор и приватните бизниси и овозможуваме поволни услови за нови инвестиции и отворање на нови работни места. Накратко, исполнуваме сè она што ветивме пред граѓаните. Нашите заложби за модернизација на целокупната инфраструктура во државата се видливи, насекаде се работи со силно темпо и како никогаш досега се инвестира во изградба на патната мрежа.
Да создадеме просперитетна, економски стабилна и европска земја е наш врвен приоритет и продолжуваме неуморно да работиме за подобар живот на сите граѓани“, финализираше министерот Сугарески.