„Хендикеп Плус”: Во предизборен спот на ВМРО-ДПМНЕ лицата со посебни потреби се прикажани во понижувачки контекст

Здружението „Хендикеп Плус” соопшти дека во предизборниот спот на партијата ВМРО-ДПМНЕ, наречен „Исправи се Македонијо“, една од интерпретациите на содржината на спотот директно се однесува на можноста лицата кои имаат посебни потреби да бидат прикажани во понижувачки контекст, во деградирачка и навредлива позиција наспроти сите други.

Асоцијациите на свиткани луѓе како понижени, помалку вредни и недостојни, на што може да асоцираат некои пораки и сцени во спотот, уште еднаш покажува колку е ниска свеста за негативните последици кои може да ги почувствуваат луѓето од овие групи кога се поставувуват во вакви позиции и добиваат таков третман. Многу неодговорно е таква политичка партија да нема сензибилност за специфичните психолошки реакции на луѓето кои имаат проблем со рбетот по нивното поставување во несоодветен симболички контекст, посочуваат од Здружението.

Потенцираат дека во текот на денов ќе се консултираат со бројни експерти за можните дискриминаторски и други несоодветни содржини на овој спот, по што постои можност преку својот правен тим да побараат до Советот за етика на медиумите негово повлекување од медиумите.

Треба да знаете
Последни објави