Авионот во Пакистан се урнал додека пилотите зборувале за коронавирусот

Авион на пакистанска авиокомпанија се урна минатиот месец во станбена зона во близина на аеродромот на градот Карачи. Притоа загинаа 97 луѓе, а две лица, за чудо, преживеаја.

Пакистанскиот министер Ѓулам Сарвар Кан откри дека пилотите на „ербас А320“ зборувале за коронавирусот додека се подготвувале за првиот обид за слетување, кој бил неуспешен.

Кога се обиделе вторпат, авионот се урнал на околу 800 метри од аеродромот. Кан во парламентот рече дека моторите  на авионот ја допреле земјата за време на првиот обид да слета без тркала, пред повторно да полета.

Податоците од авионот покажале дека авионот бил во сосема исправна состојба за летање и дека нема технички дефекти. Исто така, Кан истакна дека пилотите не биле фокусирани на летот поради пандемијата на коронавирус, пренесува „Скај њуз“.

„Тие зборуваа за коронавирусот. Короната беше доминантна работа во нивните умови. Нивните семејства биле заразени“, објасни Кан.

Тој не откри во официјалната изјава дека пилотите зборувале за коронавирусот, но се наведува дека тие не го почитувале протоколот.

„Предупредувањата, како што се брзината, опремата за слетување, алармот за близина на земја, беа игнорирани. Слетувањето било без тркала, авионот ја допрел пистата со своите мотори“, се наведува во извештајот.

Министерот посочи дека двата мотора се оштетени пред вториот обид за слетување.

Тој објасни дека пилотот и копилотот кои биле вклучени во несреќата биле искусни и здрави.

„Тие ги отфрлија предупредувањата за контрола на летот и повторно почнаа да зборуваат за коронавирусот“, додаде тој.

Пакистанските медиуми претходно објавија аудиоснимка од разговорот на пилотот и контролата на летот. Во аудиоснимката од разговорот на пилотот и контролата на летот се слушало „Mayday, mayday, mayday“, што е порака за повик за помош, и рекол дека ги изгубил двата мотора, пренесува порталот „НДТВ“.

Треба да знаете
Последни објави