Домот „11 Октомври“ се трансформира во Центар за поддршка на згрижувачките семејства

Реновирањето на детскиот дом „11 Октомври“, каде што ќе биде сместен регионалниот Центар за поддршка на згрижувачките семејства, е во завршна фаза.

Вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска, која беше во посета на објектот, рече дека oва е прв ваков центар во нашата држава. Таа додаде дека треба да се отвори уште еден Центар за поддршка на згрижувачки семејства, во општина Битола, којшто исто како центарот во Скопје ќе биде регионален.

„Целта на овој тип центри е поддршка на семејствата коишто згрижуваат деца кои се во институции, биле во институции или деца коишто имаат ризик да бидат ставени во институции со цел тие да добијат соодветна грижа и подготовка за можеби сместување во згрижувачките семејства. Дополнително, мајките коишто се во ризик да ги остават своите деца во институции исто така може да добијат поддршка во овој тип центри. Во делот на социјална заштита згрижувачките семејства имаат голема и клучна улога во тоа да обезбедиме соодветна грижа и семејна нега за сите деца коишто се во ризик или останале без своите родители“, потенцира Царовска.

Заменик-министер за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, истакна дека со реновирањето на просториите на поранешниот детски дом „11 Октомври“ и негова пренамена во Центар за поддршка на згрижувачките семејства, на дело се покажува грижата кон најранливите лица.

„Згрижувањето на децата е благородна мисија, за поддршка на децата кои останале без родители и родителска грижа. Тие сега растат во семејна средина. За да можат згрижувачите успешно да се справуваат со предизвиците, потребна е поддршка за брзо надминување на проблем или посистематско стекнување знаења и вештини. Во тек е формирање на два центри за поддршка на згрижувачките семејства, и тоа како организациски единици ќе бидат домот ’11 Октомври’ во Скопје и Домот на доенчиња и мали деца во Битола. Реновирањето на просториите во детскиот дом, каде што е сместен Центарот за поддршка на згрижувачките семејства, во чии рамки ќе функционира и центар за поддршка на мајки со деца, се рализира со поддршка од УНИЦЕФ, за чија поддршка изразуваме голема благодарност“, кажа Бајрактар.

Треба да знаете
Последни објави