Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ, Зоран Заев
И затоа сум особено горд, што нашата одговорна власт го реконструираше со нов асфалт патот до прилепското езеро. Ова е прв пат да се реконструира овој пат изграден уште од времето на Тито и бившата СФРЈ. Ние ја реконструираме инфраструктурата што цела деценија стоеше недопрена и оставена во заборавот на режимот. Дека градиме по план, за денес и за утре, говори и овој капитален проект позади мене. Изградивме модерен, функционален ИКТ Центар за потребите на Министерството за внатрешни работи.
Ова е значаен капитален објект од важност за целата држава. Овој проект финансиран од нашите партнери од ЕУ е значаен за безбедноста, за зачувување на интересите на граѓаните и интересите на Република Северна Македонија, бидејќи и во случај на катастрофи, дигиталните податоци ќе може да се зачуваат тука и системот да функционира без проблеми.
Сериозни зафати се изведени и на самото вештачко езеро, каде со реконструкција на темелниот испуст на браната, кој не бил променет уште од 60тите години на минатиот век, се решава децениски проблем на земјоделците од овој регион. Сега, земјоделците во Прилеп и прилепско, имаат доволни количества на вода за наводнување за земјоделските површини.
Овде, во Прилеп, но и низ целата држава, на дело ја гледаме посветеноста на СДСМ да ги решава децениските проблеми, да го унапредува квалитетот на живот на сите граѓани. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои нудат единствено обнова на режимот, ние носиме одлуки и решенија во интерес на граѓаните и државата. Затоа, нема сомнеж дека на 15 јули граѓаните ќе одберат да продолжиме по правиот пат и нема да дозволат обнова на режимот. На 15 јули бираме обнова на патишта, а не обнова на режимот!