Одбравме внимателен рестарт, нешто што секако ја зголемува одговорноста на сите нас, на државата, на владата, на локалната самоуправа, но и на сите луѓе во туризмот, не поседуваме само убавини, туку и безбедност, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор на годишното собрание на Здружението на грчките туристички бизниси, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис рече дека првата жртва на вирусот е туризмот и истакна дека сите се свесни за суровата реалност дека „голем дел од годинешниот туристички бран е изгубен”.
Се осврна и на тестирањата што по случаен избор се вршат на аеродромите во Солун и Атина, велејќи дека во изминатите денови, позитивни на Ковид-19 биле околу еден од 1.000 патници, а сите случаи биле асимптоматски.
-Овој тренд, во последните денови се намалува. Ова не прави да се чувствуваме побезбедни, бидејќи како што ќе ги отвориме нашите граници за посетителите од Европа, ќе се намалува текот на епидемијата во земјите од кои ќе дојдат првите групи посетители и многу многу мал процент на луѓе позитивни на коронавирусот ќе дојдат во нашата, рече Мицотакис.
Грчкиот премиер потсети дека како за транспортот, така и за хотелите постојат посебни здравствени протоколи, како и хотели – карантин наменети за евентуалните позитивни случаи.
Во однос на собите карантин во хотелите, Мицотакис објасни дека тоа не важи за малите туристички објекти, бидејќи веќе ќе постојат хотели карантин.