Рудар во Танзанија преку ноќ стана милионер откако продал две парчиња необработен скапоцен камен танзанит, најголемиот пронајден во оваа земја, со тежина од вкупно 15 килограми.
Како што пренесува Би-би-си, Саниниу Лајзер (52) продал две парчиња танзанит за 3,4 милиони долари на Министерството за скапоцени камења во Танзанија.
Лајзер рекол дека со овие пари сака да инвестира во својата област и да изгради трговски центар и училиште во близина на неговата куќа.
Тој истакнал дека многу луѓе во неговото соседство се сиромашни и не можат да си дозволат да ги одведат своите деца на училиште.
Рударот рекол дека парите што ги добил нема да го променат неговиот начин на живот и дека тој планира да продолжи да се грижи за своите 2.000 крави, додека работите во кои ќе ги вложи парите ќе им ги препушти на своите деца.
Лајзер има над 30 деца и четири сопруги.
Тој вели дека нема потреба да презема дополнителни мерки на претпазливост заради парите бидејќи неговиот крај е безбеден, а најави и голема прослава по повод ненадејната добивка.