Претседателот на Косово Хашим Тачи се уште нема дадено никаков коментар во врска со вчера објавената информација дека во Специјалниот суд за Косово, чие седиште е во Хаг, е покренато обвининие за воени злосторства против него и против лидерот на Демократската партија на Косово и поранешен претседател на Собранието, Кадри Весели.
Единственото што го направи, а што во јавноста се толкува како коментар на новонастанатата ситуација, е истакнувањето на амблемот на Ослободистелната војска на Косово (ОВК) на неговата страница на Фејсбук.
Поради новонастанатата ситуација Тачи ја откажа средбата со српското раководство, што требаше да се одржи в сабота, на 27 јуни, во Вашингтон, а која ја организира специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Приштина и Белград, амбасадорот Ричард Гренел. По ова, учеството на средбата со претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, што требаше да се одржи во Белата куќа, го откажа и косовскиот премиер Авдулах Хоти.
Косовскиот претседател вчера тргна на пат за Вашингтон, меѓутоа по објавувањето на веста за обвинението го прекина патувањето и се врати во земјата.
Вчера беше објавено дека Специјалното обвинителство за Косово покренало обвиненија против основачите и водачите на ОВК, Тачи и Весели, како и против други лица, за голем број злосторства против човештвото и за воени злосторства, вклучително убиства на цивили Албанци, Срби, Роми и други.
Обвинителството од Хаг објави соопштение во кое се наведува дека на Специјализираните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот, на 24 април му е доставено споменатото обвинение, а дека истото треба да го потврди судија во претходна постапка.