Тројца мажи се уапсени во Иран под сомнение дека се обиделе да продадат две бебиња преку Инстаграм, соопшти иранската полиција. Началникот на полицијата во Техеран, Хосеин Рахми, изјави дека бебињата биле стари 20 дена и два месеци и веќе биле купени за 500 американски долари, но дека биле препродавани за 2.000 до 2.500 долари, пренесува Би-би-си.
Еден од уапсените изјавил дека ги добил бебињата од сиромашни семејства и дека сакал да ги даде на семејства што можат да им обезбедат подобра иднина. Како што се наведува, полицијата за продажбата на бебиња на Инстаграм дознавала по дојава, по што биле откриени тројцата мажи, а бибињата се предадени на социјалните служби.
Ова не е прв ваков случај во Иран. На почетокот на годинава биле уапсени четири жени и еден маж кои пронаоѓале сиромашни трудници, им ги плаќале болничките трошоци, а потоа по породувањето им им ги зимале бебињата.