Петнаесет полицајци се повредени во немири при нелегален музички собир на улиците на лондонската област Брикстон, објави полицијата.
Лондонската полиција беше испратена на настанот, а толпата одби да соработува со полицајците.
„Инцидентот продолжи, дојдоа повеќе полицајци и групата стана непријателска кон нив“, соопшти полицијата.
Фотографиите на социјалните медиуми прикажуваат толпа луѓе кои им се спротивставуваат на полицајци и напаѓаат полициски автомобил. „Ројтерс“ не може да ја потврди автентичноста на тие фотографии.
Петнаесет полицајци се полесно повредени, од кои двајца побарале преглед, а оштетен е мал број полициски автомобили.
„Синоќа, голем број жители ни се пожалија поради големиот собир, бучавата и насилството, а полицајците одговорија на тоа“, рече началникот на полицијата, Колин Вингров.
„Овие собири се нелегални и претставуваат ризик за јавното здравство и ги кршат ограничувањата наметнати од коронавирусот. Насилството врз полициските службеници е апсолутно неприфатливо и ние нема да го толерираме во каква било форма”.