Повеќето од 240 вработени во Националната лабораторија на Гватемала се позитивни за коронавирус, изјави претседателот на таа земја, Алехандро Џаматеј.
И покрај тоа, како што рече, лабораторијата продолжува да спроведува тестови за Ковид-19.
Во првите месеци од епидемијата во Гватемала, сите тестови за Ковид-19 биле направени во таа лабораторија, но како што се зголемувал бројот на случаи, владата им дозволила на државните болници да земаат примероци за тестирање.
АП наведува дека граѓаните се жалат дека повеќе од една недела ги чекаат резултатите.
Претседателот порано рече дека 158 лица вработени во владата се исто така позитивни на вирусот. Повеќето од заразените работи во Секретаријатот за административни работи и безбедност, кој е надлежен за заштита на претседателот и неговото семејство.
Повеќе од 14.000 заразени лица се регистрирани во Гватемала, а скоро 600 луѓе починаа.