Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА), заедно со свештенослужителите и верниот народ, уште еднаш покажаа дека ги почитуваат институциите на државата и придонесуваат во заедничката борба против заразната болест, за општото здравје на сите, но за да се избориме со ваквата заразна болест треба мерките да бидат почитувани од сите и еднакви за сите граѓани и институции на државата.
Ова го порача Светиот архијерејски синод (САС) на МПЦ – ОА по денеска одржаната редовна седница на која разгледа повеќе прашања од тековниот живот на Црквата, а како што соопшти канцеларијата на САС на МПЦ – ОА, особено внимание посвети на „реакциите на верниот народ на МПЦ – ОА, кој беше спречен да ги посети вечните почивалишта на нивните ближни за Духовденската задушница, иако беа преземени сите пропишани мерки за заштита, предвидени од здравствените институции”.
– Во таа насока, повикот од одредени општествени фактори за непочитување на мерките од страна на одредени личности и настани од тековниот молитвен живот на МПЦ – ОА, ги сметаме како неосновани. Надевајќи се на Божјата милост за поскоро избавување од злото на вирусот препорачуваме сите одговорно да ги почитуваме мерките на здрав-ствените институции, велат од САС на МПЦ – ОА.