Штипскиот Универзитет „Гоце Делчев” од 1 јули ја активира електронската платформа на којашто заинтересираните кандидати можат да се запознаат со факултетите на кои сакаат да студираат. Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев истакна дека годинава намален се квотите за запишување, вкупниот број на студенти кои можат да се примат на факултетите и академии е околу 3.080.
-Како Универзитет сметаме дека за нас е таа доволна бројка и сметаме дека доколку ние оствариме, запишеме некаде околу 2.000 студенти во прва година за нас тоа ќе биде релативно голем успех. Сепак треба да спомениме дека оваа година е специфична по не само она што се случува на нашиот Универзитет, туку и на останатите во поглед на глобалната пандемија Ковид-19 и мислам дека тоа е предизвик за сите, вели Боев.
Тој истакна дека еден од предизвиците е и воведувањето на електронската платформа, која е и функционална за пријавување и упис на студенти на Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип.
-Ние таа платформа ќе ја работиме цели два месеца до крајот на август, кога водејќи сметката за тоа што се случува и доколку условите бидат поприемчиви, да можат да се направат и некои физички запишувања на студентите. Сепак следејќи ја состојбата со пандемијата доколку има услови тоа ќе го направиме, а доколку немаме во тој случај запишувањето ќе биде он лајн, на платформите на УГД, кои се покажаа во овој момент исклучително успешни, рече Боев.
Најдобрите 300 средношколци, кои ќе се запишат на некој од факултетите и академиите на УГД-Штип ќе бидат ослободени од партиципација, односно универзитетот ги плаќа од нивен фонд.
Боев смета дека наставниот кадар и студентите изминатите месеци одлично се справиле со електронската настава, полагање на колоквиуми и испити.
Универзитетот „Гоце Делчев”-Штип покрај тоа што ги отвара вратите на сите студиски програми на факултетите и акдемиите во Штип, студентите ќе можат да се запишат и во дисперзираните центри во Струмица, Кавадарци и Скопје.