Носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски, попладнево има средби со граѓани во скопската општина Бутел. На средбата со пензионери, тој зборуваше за растот и сигурноста на пензиите и за новите мерки во Програмата на СДСМ што се значајни и за пензионерите.
„Ги покачивме пензиите. Сите пензионери, од јануари земаат повисока пензија за 722 денара. 324.000 пензионери добија месечно зголемување на пензијата за 722 денари. Ова е најголемо покачување на пензиите во последните 12 години. Тоа го овозможивме со тоа што го стабилизиравме Пензискиот фонд којшто беше во долгови. На овој начин обезбедивме сигурни пензии за сегашните пензионери и за идните пензионери. Просечната пензија со новото покачување изнесува 15.500 денари. Реформата во пензискиот систем се спроведува врз основа на темелни анализи и системски пристап кон зголемувањето на пензиите, темелен на реален раст на економијата , а не на политички, моментални решенија. Дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување e намален за 3.7 милијарди денари, без радикални мерки како замрзување на пензии или зголемување на старосната граница за пензионирање. Расте економијата, растат приходите кај работоспособното население, порасна минималната плата за 15% само за 2019 година, порасна просечната плата за 5% во истиот период и пораснаа и пензиите во јануари”, рече Спасовски.
Тој најави нови покачувања на пензиите.
„Во Програмата на СДСМ, да знаете, се обврзуваме на нова повисока минимална пензија. Да нема пензионер што ќе зема помалку од 10.700 денари. Бидејки висината на пензиите е директно поврзана со растот на платите, а нашата цел е раст на платите во следните 4 години, тоа значи и отворени можости за раст на пензиите. Во нашата Програма за следните 4 години се обрзуваме дека по завршувањето на кризата ќе обезбедиме раст на минималната плата до 40 проценти и раст на просечната плата до 30 проценти, до крајот на мандатот – тоа значи и шанси за нов раст на пензиите. Видовте, во услови на здравствено-економска криза, редовно, дури и порано од предвидените рокови ги исплаќаме пензиите. Ги заштитивме граѓаните и државата во здравствено-економската светска криза од најцрните сценарија – се грижиме за јавното здравје и не дозволивме никој да е оставен без егзистенција. Нашиот концепт е сигурност: сигурност на пензиите, сигурност на платите, нови работни места, повеќе инвестиции, повисоки плати”, соопшти Спасовски.
Тој додаде дека ваквите политки се во интерес и на младите.
„Па и младите да ни останат овде. Да си ги гледате внуките и внуците како растат до вас, да им се радувате на матурите, на дипломските, како формираат семејства во родната земја, а не да скитаат сами по белиот свет. Нема опција за правиот пат – пред сите нас е една опција, сигурност, тоа е правиот пат. Спротивно на сигурност е опасност. ВМРО-ДПМНЕ и со Мицковски на чело е опасност за државата. Тие продолжуваат со неодговорното однесување, тие лажат, шират паника, злоупотребуваат институции за партиски цели, додека ние продолжуваме со решенија и нови иницијативи. Се грижиме за сите и можеме уште повеќе и уште подобро, но мораме и ќе продолжиме заедно по правиот пат, рече меѓу другото, носителот на листа во ИЕ 2, Оливер Спасовски на средбата со пензионери во скопската општина Бутел.