Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски го прими во работна посета полковник Масимо Пани од Единицата за специјални операции Карабиниери која во нашата земја го спроведува твининг проектот „Зајакнување на капацитетите за координација во спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот”, поддржан од делегацијата на Европската Унија.
На средбата, на која присуствуваа и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Сашо Тасевски, полковник Пани се заблагодари за поддршката на Владата и на институциите од безбедносната сфера за досегашната поддршка за реализација на проектот и изрази очекување дека таа ќе продолжи и во наредната фаза на проектот кога ќе треба да се усогласат стандардните оперативни процедури меѓу институциите за успешно справување во борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, согласно стандардите на Европската Унија.
Премиерот Спасовски на средбата истакна дека Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи целосно и максимално да ја поддржува оваа активност, за која во претстојниот се очекува да биде усвоен акциски план за надградување на капацитетите на владините институции за ефикасно и ефективно координирање на сите агенции кои работат на полето на спротивставување и спречување на насилен екстремизам и радикализација кои водат кон тероризам.
Тоа, освен на домашен план, рече премиерот Спасовски, ќе ја направи нашата земја сигурен и доверлив партнер на земјите членки на ЕУ и НАТО во спречувањето, заштитата, следењето и одговорите на предизвиците поврзани со спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот.