Пандемијата со новиот коронавирус го зголемува ризикот од трговијата со дрога, оцени денеска Агенцијата на Обединети нации против дрогата и криминалот (УНОДЦ).
– Сиромашните и загрозени лица, поради зголемената стапка на невработеност и недостигот од економски можности би можеле да се свртат кон незаконски активности поврзани со дрогата – производство или транспорт, се наведува во извештајот на УНОДЦ.
Извршната директорка на УНОДЦ, Гада Вали истакна дека пандемијата со Ковид-19 и забавувањето на економијата „се закануваат да ја влошат опасноста од дрога, додека здравствените и социјалните системи се на раб, а државите имаат проблеми да се изборат со тоа”.
Агенциијата на ОН стравува и дека владите ќе ги намалат буџетите наменети за превенција и грижа за конзументите на наркотици, како и финансирањето на меѓународната борба против трговијата со наркотици.
УНДОЦ апелира до државите да „покажат поголема солидарност и да ги поддржат посебно земјите во развој во борбата против трговијата”.
– Затворањето на границите и другите рестриктивни мерки поради пандемијата предизвикаа недостиг на пазарот на наркотици, но и ја зголемија цената и ја намалија чистотата на супстанците, се наведува во извештајот.
Анализираните податоци до почетокот на 2019 година покажуваат раст на конзумирањето на наркотици, посебно во земјите во развој. Околу 269 милиони луѓе конзумирале наркотици во 2018, што е за 30 проценти повеќе во споредба со 2009 година, кога повеќе од 35 милиони корисници имале здравствени проблеми.
Во 2018 година најкористена супстанца во светот бил канабисот со околу 192 милиони конзументи.