Мицкоски и Николоски на средби со граѓаните од Демир Капија

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски заедно со Александар Николоски, носител на изборна единица 4 ја посетија Демир Капија и остварија средба со мештаните.

Мицкоски при своето обраќање посочи дека во првите шест месеци од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе се стави крај на криминалот.

– Трет ден од кампањата во малку поинакви услови, во многу попредизвикувачка атмосфера и амбиент поради оваа пандемија што не задеси. А, поради неспособноста на владата и мерките која што ги преземаше изминатиов период кај нас се издолжи тој период на борба со оваа пандемија. За жал ете и ние во нашето семејство тоа го почувствувавме и навистина е потребно да се чуваме, и да го чуваме нашето здравје, затоа што само здрав човек може многу работи да направи, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека е важно на 15-ти јули сите масовно да излезат на избори и да се поддржи листата што ја предводи Александар Николоски со реден број 14.

– Оној слоган кој што го слушаме деновиве, а тоа е „Можеме”, јас повеќе би рекол „Можевме”. Зошто можеа, затоа што имаа три години сето она кое што го ветуваа и во таа 2016-та година, а потоа и на локалните избори во 2017-тата, па подоцна и на претседателските избори во 2019-тата година да го реализираат. Но, за жал не успеаја во тоа што го ветуваа и затоа ние на 15-ти јули треба да им кажеме „Можевте”, а сега ќе можете од опозиција да учите и да гледате како се работи и како се сака сопствената држава Република Македонија, порача Мицкоски.

Тој посочи дека многу внимателно го креирале секој пасус во нивната предизборна програма.

– Секој кој се огрешил пред законот дали бил ВМРО-ДПМНЕ, дали бил СДСМ, дали бил ДУИ, Алијанса, политички определен и неопределен ќе одговара. Доста беше богатење на грбот на македонскиот напатен граѓанин. Доста беше! Мора да има правда! Мора да владее правото и мора правото, секаде законите и Уставот да се почитуваат на овие 25.000 км2, наша држава Република Македонија, од Куманово до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Секаде мора да владеат законите и Уставот. Нема да има привилегирани, нема да има силни политичари,нема да има политичка каста, вети Мицкоски.

Николоски пред жителите на општина Демир Капија истакна дека на 15 јули потребна е победа на ВМРО-ДПМНЕ за враќање на достоинството на земјоделците и ставање крај на националните понижувања.

– Победа ни е потребна на 15 јули за да ставиме крај на националното понижување, потребна е победа за да има повеќе достоинство за земјоделците, повисоки пензии за пензионерите, повисоки плати за работниците, младите да остануваат дома а не својата иднина да ја бараат во Швајцарија, Германија или на било кое друго место на Запад, вели Николоски.

Тој порача дека на 15 јули им е потребна победа за да можат да го реализираат планот и проектот кој е дел од нивната програма за испитување на потеклото на сите политичари во земјава, за да видат кој, како и зошто се стекнал со, како што вели, енормни богатства во изминатите 30 години.

– Јавно го прашувам Зоран Заев кој вчера во напад на паника поради добрата атмосфера во четвртата изборна единица почна да се заканува дали е спремен јавно да каже, дека може да потврди како тој и неговото семејство го стекнале капиталот и дали е сигурен дека со реализацијата на законот кој што ќе го воведе ВМРО-ДПМНЕ за проверка на потекло на капитал, неговиот капитал ќе биде чист. Еве од тука јавно го повикувам да одговори дали може да го докаже потеклото на сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство, рече Николоски.

Во однос на програмата Обнова за Македонија, Николоски истакна ВМРО-ДПМНЕ има сериозен план во делот на земјоделието.

– Имаме сериозен план во делот на земјоделието. План што треба да го врати достоинството кај земјоделците. Стимулирање на мали и средни претпријатија да вршат откуп со цел да зададеме удар на зелената мафија која што сега е концентрирана само во неколку луѓе кои што им ја одредуваат судбината на луѓето, им ја одредуваат цената, и им ја јадат маката. Формирање на револвинг фонд кој што ќе ги помага овие мали и средни претпријатија да можат да дадат праведна цена и навремено да исплаќаат она што се нарекува труд и мака на земјоделецот. Понатаму поддршка со 50 проценти за нови насади, обновување на постојни насади, земјоделска механизација како и формирање на земјоделски стопанства. Ќе ги помагаме и младите земјоделци оние кои што сакаат да останат тука и да работата со бенефиции кои што ќе се насочат кон даночни олеснувања, нагласи Николоски.

Треба да знаете
Последни објави