Антитела на коронавирус имаат повеќе од 40 проценти од жителите на австрискиот ски-центар Ишгл

Повеќе од 40 проценти од жителите на австриското ски-одморалиште Ишгл развиле антитела против коронавирусот, покажало истражувањето.

Тоа е место кое некогаш беше во центарот на епидемијата на коронавирус во Европа, а илјадници луѓе, од кои многумина беа туристи од други европски земји, се заразија на тоа место на почетокот на март, поради што во некои медиуми беше наречен „ски-центар на смртта“.

Научниците од Медицинскиот универзитет во Инсбрук спроведоа тестови за антитела врз 1.473 лица, што е околу 79% од популацијата на Ишгл, јавува „Би-би-си“.

Студијата покажа дека 42,4 проценти од анкетираните имаат антитела на коронавирусот.

Директорката на Институтот за вирологија на универзитетот, Доротеа фон Лаер, рече дека Ишгл имал најголема „преваленција на антитела што некогаш биле докажани во студијата“.

„Иако не може да се претпостави колективен имунитет, населението на Ишгл треба да биде во голема мера заштитено“, рече Фон Лаер.

Австрија до сега има повеќе од 17.000 инфекции и речиси 700 смртни случаи, што е релативно мал број во споредба со нејзините европски соседи, пренесува „Би-би-си“.

Треба да знаете
Последни објави