Шкотскиот пилот познат низ Велика Британија како „Пациентoт 91“, Стивен Камерон, поминал цели 68 дена на респиратор во болница во Хо Ши Мин, Виетнам. Камерон беше последниот пациент на интензивната нега во тамошната болница, но и една од најтешките случаи на коронавирус кои биле третирани од лекарите.
Во земјата со околу 95 милиони луѓе има само неколку стотици потврдени случаи на зараза, а според Би Би Си, нема смртни случаи. Бидејќи случајот на Камерон беше толку тежок во земја која многу добро се справи со коронакризата, за него секојдневно пишуваа сите најголеми тамошни медиуми. Така, тој стана познат како „Пациент 91“, што е бројот што му е доделен кога се разболел во март.
Сега кога се опорави, 43-годишниот Камерон вели дека е крајно благодарен на виетнамскиот народ.
-Јас сум особено благодарен за проклетата упорност на лекарите кои одлучија дека нема да умрам, рече Камерон.
Имено, шансите на Камерон за опстанок беа многу мали, само околу десет проценти. Десетици експерти и специјалисти одржуваа конференциски повици секој ден за да разменуваат мислења за состојбата на Камерон.
– Многу малиот број на критични пациенти од Ковид-19 значеше дека на сите може да им се пружи максимална интензивна нега, објаснува претставникот на Светската здравствена организација во Виетнам, д-р. Кидонг Парк.
Така Камерон поминал дури два и пол месеци во индуцирана кома. Тој зависеше од ЕКМО-уредот користен при тешка слабост на белите дробови, кој извлекува крв од пациентот, го збогатува со кислород и ја враќа во телото.
– Среќен сум што преживеав. Единствената последица досега е што сум слаб на нозе, но одам на физиотерапија двапати на ден. На мојот пријател Крег му беше кажано во еден момент од амбасадата дека имам само 10 проценти шанси да преживеам. Почна да го планира најлошото – тој го откажа мојот стан и почна да се подготвува за погребот.
Кога се вратил на свеста, Камерон за прв пат се слушнал со роднини и пријатели. Тие не можеа да веруваат дека некогаш ќе се слушнат повторно. Имено, Камерон имал бројни компликации поради кои дури и неговите бубрези откажале, а капацитетот на белите дробови бил скоро занемарлив.
– Кога во вестите се појавија информации дека ми треба трансплантација на белите дробови, а за тоа дознав подоцна, почнаа да се јавуваат целосно непознати луѓе кои беа подготвени да дадат дел од нивните бели дробови за да можам да преживеам. Меѓу нив беше и 70-годишен вијетнамски воен ветеран. Но, тоа не би поминало добро зашто можеби ми требаше трансплантација на целите бели дробови, што не би било добро за донаторот, се смее сега здравиот пилот.
Камерон се разболел неколку недели по пристигнувањето во Виетнам. Како и многу западни пилоти, тој мислел дека може да заработи добри пари во оваа земја, со оглед на состојбата на тамошниот пазар на авиокомпании. Два дена пред неговиот прв лет за „Виетнам ерлајнс“ тој замина во ноќен клуб, каде се сретнал со еден пријател. Во тоа време, во Виетнам имало помалку од педесет случаи на инфекција. Луѓето веќе сериозно се придржуваа кон мерките на социјална далечина, но тоа беше викендот пред денот на Св. Патрик, па барот бил преполн со туристи.
– Јас не пијам алкохол, се држев на страна, играв неколку рунди билијард со еден пријател и заминав околу 3 часот наутро, се сеќава Камерон.
Сепак, во рок од неколку дена тој добил треска, а уште дванаесет присутни во барот Буда беа позитивни. Тоа беше најголемото жариште на Ковид 19 во Виетнам во тоа време, а вкупно околу дваесет луѓе беа заразени директно и индиректно заради забавата. Тестирани биле дури четири илјади луѓе кои биле во контакт со заразените или на некој начин поврзани со гостите. Некои го обвинија Камерон на социјалните медиуми за избувнување на инфекцијата, а некои дури и побараа „Пациент 91“ да биде депортиран под итна постапка, како и други странци кои не се придржуваат кон мерките на социјална далечина.
Неговиот случај стана и политичко прашање. Неговата состојба брзо се влошувала од ден на ден, па лекарите побараа дозвола да го стават на респиратор. Тој се согласи веднаш. Додека Камерон беше во кома, во Виетнам почнаа да се водат политички дебати за неговиот третман, а властите зазедоа став дека ќе го одржат жив по секоја цена, и покрај екстремно високите трошоци.
-Тој немаше повластен третман. Едноставно се фокусиравме на лекувањето на болни луѓе, без разлика дали доаѓаат од Виетнам или од странство, вели проф. Хуе од болницата во Хо Ши Мин.
Тој рече дека 49 од 50 странски пациенти со коронавирус биле успешно опоравени и отпуштени од болницата.
За време на десетнеделната кома, Камерон изгубил дури 20 килограми, а мускулите атрофирале до таква мера што едвај можеше да ја крене ногата за неколку сантиметри. Тој исто така страда од посттрауматско стресно нарушување и епизоди на депресија. Сè што сака сега е, кога ќе закрепне, да се врати во Шкотска.
Единствениот проблем е кој ќе ја плати екстремната цена на лекувањето. Уредот ЕКМО чини меѓу пет и десет илјади долари на ден, а осигурителната компанија му рече на Камерон, откако се вклучи британската амбасада, дека „ќе се реши“.
-После тоа, никој не одговори, тоа е многу фрустрирачко, заклучува пилотот.