Државната изборна комисија денеска ги утврди задолжителните препораки за заштита од ковид-19, за денот на гласањето за претстојните парламентарни избори.
Според нив, на 15 јули нема да може да се гласа без заштитна маска. Секој гласач е должен да држи растојание од 1,5 до 2 метра пред објектот и влезот на самото гласачко место. Пред влегување и на излегување од гласањето, граѓаните ќе мора да ги дезинфицираат рацете.
Како што кажаа од ДИК, гласачите не треба да носат заштитни ракавици. Тоа е задолжително за членовите на избирачките одбори.
„На ниту еден гласач нема да му биде дозволено да влезе во гласачкото место ако претходно не ги дезифицира рацете и не носи маска. Следниот чекор е кога гласачот влегува со маската во избирачкото место и истиот е должен при идентификација на кратко да ја извади маската за да избирачкиот одбор го утврди неговиот идентитет. Рацете ќе треба да се дезифинцира при влезот и излезот на гласачкото место. Избирачките одбори внатре се должни да седат на дозволено растојание од метар до метар и пол, и постојано да носат заштитна маска, како и ракавици со тоа што гласачите наведуваме дека не треба да носат ракавици кога ќе влегуваат во гласачките места.рече Елизабета Постоловска од ДИК.
Според препораките, ДИК е должна пред и после завршувањето на гласањето во просторите да го дезинфицира секое избирачко место.
На овој начин, од ДИК велат дека ќе се обезбедат сите услови за безбедно гласање и ги повикаа граѓаните да се придржуваат до мерките за заштита.
„Сметам дека на овој начин ДИК во соработка со здравствените власти ги има обезбедено сите чекори за безбедно одржување на изборите. Апелирам гласачите и членовите на избирачките одбори строго да се придржуваат до правилата пред се за сопствена заштита, а и за заштита на сите други“, рече Постоловска.