На што точно се однесува ова? Голем број индивидуи имаат сензитивност на некои намирници, а многумина не се ни свесни за тоа. Дигестивниот систем делува како бариера и овозможува ресорпција на вода и корисни нутриенти, а истовремено спречува навлегување на штетни супстанци во крвотокот. Кога постои сензитивност на храната пропустливоста на дигестивниот систем е зголемена, токсични супстанци и микроорганизми може да преминат од цревата во крвотокот и да предизвикаат широко распространето воспаление и реакција од имунолошкиот систем.
Сензитивноста на одредени типови храна се манифестира на два начина – со алергија или нетолеранција. Многу луѓе ја поистоветуваат нетолеранцијата на храна со алергија на храна затоа што честопати споделуваат многу симптоми, но околностите се доста различни.
Алергиите прават бурна имунолошка реакција и при внес на минимални количества на определена храна (алергени) со создавање на имуноглобулин Е (ИгЕ) и имуномедијатори (пр. хистамин). Тоа се забележува веднаш по јадењето и е придружено со бројни симптоми од кожен исип до потешкотии во дишењето.
Нетолеранцијата на храна се однесува на тегоби што може да се појават и одложено до 72 часа од оброкот, многубројни се и се разликуваат по нивната сериозност. Во симптомите се вклучени грчеви, болка , надуеност, опстипација, дијареа, главоболка, дебелеење, анемија, депресија, анксиозност, респираторни проблеми, осипи на кожата и многу други, во зависност од тоа за каков вид нетолеранција се работи.
Постојат различни причини за појава на нетолеранција на храна. Некои од нив сѐ уште не се доволно истражени, но некои се потврдени. Една од нив е генетиката, која го контролира начинот како ја процесираме храната и со тоа влијанието на нашите диети врз здравјето. Стресот како фактор за функционални нарушувања во дигестивниот тракт во современиот живот е честа причина за интолеранција, а лошите прехранбени навики, обилни, неизбалансирани оброци, зголемен внес на јагленохидрати, особено шеќери и рафинирано брашно се исто така причина. Неумерена консумација на кафето, црниот чај и алкохолот предизвикува иритации, особено на нервниот систем, а за истите постојат и индивидуални разлики во метаболизмот. Листата причинители значително се зголемува со индустриски процесираната храна, мноштвото легални адитиви, прехранбени бои, конзерванси, подобрувачи на вкус и други штетни супстанци во храната, кои го поттикнуваат развојот на интолеранција на храна и може да предизвикаат специфични реакции.
Во многу случаи, нетолеранцијата на храна доведува до хронични заболувања кои обично се отпорни на конвенционалните терапии. Секоја личност има свој нутритивен профил, како резултат на индивидуални толеранции и нетолеранции. Современ тренд во медицината е идејата дека соодветната исхрана е индивидуална како отпечаток од прст и не може да биде стандардизирана. Со цел да одговори на потребата од индивидуални дијагностички методи, лабораторијата Синлаб во своето долгогодишно искуство има воведено палета тестови за нетолеранција на храна што се работат брзо и лесно во мала количина на крв или брис од букална слузница.
Со тестот за нетолеранција на храна (FIT) се утврдува интолеранција на 176 различни хранливи состојки со откривање на покачени титри на имуноглобулин Г (IgG) во крвниот серум или сензитивност на одредени видови храна. Тестот нуди вредни информации, неопходни за да се утврди индивидуалниот профил на исхраната на секој пациент и да се изработи индивидуална диета и листа на намирници како терапевтска мерка.
Исто така, со специфични генетски тестови можете да ја утврдите интолеранцијата на лактоза (млечен шеќер), потоа интолеранцијата на глутен, која без соодветни диететски промени може да прогресира во сериозно автоимуно заболување целијакија. Уште една генетска интолеранција на јагленохидрати е интолеранцијата на фруктоза (овошен шеќер), честа кај деца со болки во стомакот. Со прилагодување на исхраната и животните навики битни се и тестовите за варијациите на метаболизмот на кофеинот, алкохолот и хистаминот, присутен во голем број намирници.
Затоа, доколку чувствувате тегоби во дигестивниот тракт време е да му помогнете на вашиот организам и да ја откриете причината и прилагодите исхраната на Вашите индивидуални потреби.