Светската здравствена организација го предупреди светот дека, кога станува збор за пандемијата Ковид-19, најлошото допрва доаѓа.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека вирусот ќе зарази многу повеќе луѓе доколку владите не започнат со спроведување соодветни и правилни политики, пренесува Би-Би-Си.
Неговата порака е: „Тестирање, следење и откривање на контактите, изолација и карантин“.
Гебрејесус на видео брифингот рече: „Сите ние сакаме ова да заврши. Сите сакаме да продолжиме со нашите животи. Но, реалноста е дека пандемијата не близу до крајот. Иако многу земји постигнаа напредок, глобалната пандемија всушност забрзува“.
Тој, исто така, апелираше до што е можно повеќе влади да ги следат примерите на Германија, Јужна Кореја и Јапонија, кои го контролираа ширењето на вирусот со политики кои вклучуваат ригорозно тестирање и следење и откривање на контактите.
Повеќе од 10 милиони случаи се пријавени ширум светот откако коронавирусот се појави во Кина кон крајот на минатата година. Бројот на починати е над 500 илјади.
Половина од случаите во светот беа во САД и во Европа, но Ковид-19 сега рапидно се шири низ американскиот континент. Вирусот влијае и на Јужна Азија и Африка, каде што врвот не треба да се очекува пред крајот на јули.