Стојанче Ангелов: Зоран Заев, Достоинство и јас

На последните парламентарни избори во декември 2016 година “Достоинство“ настапи во коалицијата “ВМРО за Македонија“ заедно со ВМРО НП на Љубчо Георгиевски и “Обединети за Македонија“ на Љубе Бошкоски. Сите анкети, барем во делот на третата изборна единица каде што јас бев носител на листа, предвидуваа мој сигурен влез во македонското Собранието но и прилично големи шанси за влез и на вториот кандидат од мојата листа.

Крајно нечесниот и нечовечен однос, енормните притисоци и поткупот на гласачи од страна на тогашното централно и локално раководство на ВМРО ДПМНЕ ги урниса моите шанси да станам пратеник во републичкото Собрание.

Навикнат на неправди бргу се помирив со фактот дека, иако на нечесен начин, сепак претрпевме пораз и веднаш почнав да барам алтернатива, размислувајќи да се вратам во Ирак. Бргу потоа налетав на една одлична понуда од солидна компанија за обезбедување во Ирак и го започнав процесот на моја регрутација.

Неколку недели подоцна, на мое големо изненадување, ми се јави лично претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Во еден долг и пријателски разговор тој ми кажа дека по неуспехот на Никола Груевски да формира Влада сега тој е на ред, притоа информирајки ме дека веќе го има обезбедено потребното парламентарно мнозинство од најмалку 61 пратеник.

Откако му честитав за, споед неговото кажување извесното и брзо формирање на влада, го известив дека за неколку недели јас се враќам назад во Ирак на што тој категорично ми кажа дека му требам овде и побара од мене да не ја напуштам државата. Воедно ме извести дека во првите неколку ешалони на неговата Влада ќе има место и за квалитени кадри од коалицијата “ВМРО за Македонија“ но и воопшто од сите оние, формални и неформални структури, кои учествуваа во рушењето на режимот на Никола Груевски. Бев малку изненаден од покажаната добра воља бидејки тој како лидер на СДСМ немаше никакви обврски кон нас од “ВМРО за Македонија“.

Благовремено се јавив во компанијата во која требаше да заминам и го стопирав процесот на моја регрутација сметајки дека за неколку седмици ќе станам дел од извршната власт и ќе можам да реализирам барем дел од моите долгогодишни заложби како претседател на Достоинство и неформален лидер на дел од македонските бранители.

За жал, бандитскиот однос на тогашното раководство на ВМРО ДПМНЕ не дозволуваше формирање на нова влада предводена од СДСМ. Не сакајки по ниедна цена да ја отстапат веќе изгубената власт организираа протести и не го даваа мандатот за формирање на влада со што целата постапка за формирање на влада се закочи и растргна во недоглед се додека не се пролеа крв во македонското Собрание.

Иако тоа не го баравме од него, лидерот на СДСМ Зоран Заев си остана на зборот. Во периодот пред и веднаш после формирањето на Влада лично тој не’ контактираше нас тројцата претседатели на партиите од коалицијата “ВМРО за Македонија“. Во разговорите договоривме различни позиции за претставници на нашата коалиција. Јас влегов во МВР како државен советник во тимот на министерот Оливер Спасовски генералниот секретар на Достоинство стана советник на Премиерот, пензионираниот армиски полковник Благоја Марковски стана советник на Министерот за одбрана, итн. Како Достоинство успеавме да помогнеме при вработувањето во МВР или АРМ на десетина деца на загинати, ранети или други бранители. Добивме и неколку општински советници во локалната власт. Едноставно, можам да се пофалам дека во овие три години имавме солидна соработка со сите нивоа на власт, почнувајки од локалната, преку централната па се до Претседателот на Владата и Претседателот на Државата.

Верувам дека, за разлика од времето кога владата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски крајно негаторски се однесуваа кон нас, македонските бранители, нашата добра соработка со владата предводена од СДСМ и Зоран Заев ќе продолжи понатаму. Не само што ќе продолжи туку верувам дека во следниот 4 годишен мандат, нашата соработка со СДСМ и Зоран Заев уште повеќе ќе се продлабочи.

https://www.facebook.com/stojance.angelov/posts/3339248742829061

Треба да знаете
Последни објави