Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт во аптеките ширум целата држава – решен е деценискиот проблем. Сега, граѓаните имаат достапни лекови во секое време, наведуваат од Министерството за здравство.
– Веќе десетти месец како има лекови во секое време, било да е тоа на почетокот, на средината или кон крајот на месецот. Граѓаните имаат редовен пристап до лекови во текот на целиот месец. Тие повеќе не прават домашни залихи и не стравуваат дека ќе останат без потребниот лек. Со оваа мерка која ја имплементиравме најмногу им помогнавме и на пензионерите. Се грижиме максимално за нивното здравје. Горд сум што ги решаваме најкрупните и најважните сегменти од јавното здравство. Докажавме дека пациентот ни е на прво место. Го зајакнавме нашиот здравствен систем. Продолжуваме и во следниот период да го унапредуваме јавното здравство, потенцира во пишана изјава министерот за здравство Венко Филипче.
Од Министерството посочуваат дека мерката за укинување на квотите за лекови на рецепт во аптеките почна во август минатата година, како прва фаза во аптеките во регионите на туристичките места Охрид, Дојран, Гевгелија, Ресен и Струга. Минатата година, на први октомври, се укинаа целосно квотите во аптеките на територија на целата држава.