Вториот круг на општинските избори 2020 во Франција ќе биде одбележен по рекордната неизлезеност на гласачите. По гласањето, левицата се обојува во зелено, десницата опстојува, претседателското парламентарно мнозинство ги губи изборите, додека крајната десница првпат освојува град со над 100 000 жители, јави дописникот на МИА.
По, вечерашните општински избори обележани од кризата со коронавирусот, францускиот политички пејзаж доживеа нов потрес. Освен една нијанса, високото ниво на апстиненција предизвика сомнеж во долгорочното опстојување на овие нови политички одмерувања на силите во земјата. Сомневање, кое претседателот Емануел Макрон го истакна синоќа изјавувајќи дека е „загрижен за ниската стапка на учество” на општинските избори.
Големи победници на општинските избори се еколозите-зелените, кои извојуваа големи симболични победи во Лион, Бордо и Стразбур, потврдувајќи го владеењето во Гренобл. Зелениот бран, исто така, ги потопи средните по големина градови, како Анеси, Поатје или Бесансон. Гласачите, се чини, уморни од немоќта на националните политики во борбата против глобалното затоплување, сега веруваат дека нешто може да се поправи на локално ниво. Кратко време по објавувањето на резултатите, европратеникот на (Европа екологија зелени) ЕЕЛВ, Јаник Јадот, кој не ги крие своите претседателски амбиции, ја поздрави победата како „надеж околу еден убав еколошки проект”.
Во секој случај, ова е зелен притисок што ја наруши рамнотежата на силите кај левицата, каде хегемонијата што се досега ја користеше Социјалистичката партија за да ги организира коалициите околу неа, сега е фронтално оспорувана од еколозите.
И покрај некои победи како во Нанси, каде коалицијата на левицата предводена од социјалистот Матјо Клан успеа за прв пат по сто години да ја симне десницата од власт. И покрај зачувувањето на неколку нивни бастиони – Париз, Нант, Рен, Дижон, социјалистите сепак губат градови. Како симбол, Мартин Обри беше реизбрана само со неколку гласа разлика во Лил наспроти кандидатот на зелените, Стефан Бали. „Ова е уште едно лице на левицата што се појавува на овие општински избори”, призна пратеникот од редовите на социјалистите, Борис Вало.
Републиката во Марш не победи во ниту еден голем град и се чини дека беше „прегазена” од стариот свет насекаде во Франција
По Зелените, другиот голем победник на изборите не е една партија, туку еден политичар, премиерот Едуард Филип, кој, откако ги изврши сите либерални реформи на почетокот на мандатот на Емануел Макрон, откако се соочи со кризата на „жолтите елеци”, откако претрпе повторени напади на опозицијата за време на пензиската реформа, ја доби повторно довербата на гласачите Ле Хавр со 58,83 отсто од гласовите. Тоа беше плебисцитарна поддршка за премиерот, кого јавнотста го поздрави за начинот на неговото управување со кризата со коронавирусот. И ова е порака упатена до претседателот Макрон, кој размислува да го замени како премиер.
Крајната десница на Националниот собир (РН), оствари неколку важни победи. Започнувајќи со Перпињан, каде Луис Алио е избран со 53 отсто од гласовите. Партијата на Марин Ле Пен, исто така, освои неколку неочекувани победи, доволно за да ги заборави своите порази во Манте-ла-Вил и во седмиот арондисман на Марсеј. „Ова е крај на анти-републичкиот фронт кој се состоеше само да се победи РН, само затоа што тоа беше РН, увери Марин Ле Пен, исто така жалејќи за рекордната воздржаност на овие избори.
За претставниците на партиите од опозицијата, како Бруно Ретајо од Републиканците, високата стапка на апстанционизам не може да се правда со кризата со Ковид-19, туку со демократската криза која Емануел Макрон ја забрза.