Британскиот актер, режисер и комичар Саша Барон Коен е познат по неговите ликови Борат, Али Џи, Бруно и други, но и по неговиот политички активизам.
Околу 500 луѓе се собраа на собирот на екстремните десничари „Three Percenters“ во Вашингтон, пренесува „Ванити фер“. Коен се појави маскиран и се претстави како водач на политичката организација која сака да биде покровител на собирот.
Тој беше придружуван од приватно обезбедување што го штитеше да не биде исфрлен и му овозможи да го одржи својот настап на сцената.
На снимките се гледа како Коен пее за поранешниот претседател Барак Обама, експерт за коронавирус, лекарот Ентони Фаучи, Си-Ен-Ен и носителите на маските на кои тој им посака да се заразат со грипот од Вухан.
Истото им го посака на луѓето што јадат суши, а уште полошо за Кинезите, за кои рече дека треба да бидат уништени од атомска бомба, како што направија во Втората светска војна.
Говорејќи за Светската здравствена организација и новинарите, тој посочи дека тие треба да бидат исечкани како што тоа го прават Саудијците, болно алудирајќи на убиениот новинар Џамал Кашоги.
Хилари Клинтон, што ќе правиме со неа? Ќе ја заклучиме, како што тие нас нè заклучија“, се дел од стиховите на песната што ја изведе Коен на собирот.
Организацијата „Three Percenters“ собира екстремни десничари, а основана е во 2008 година, во пресрет на изборот на Барак Обама за претседател на САД.
Организаторот на настанот Мет Маршал изјави дека тие се потрудиле да ја исклучат електричната енергија за време на изведувањето на расистичката песна, но не можеле заради безбедноста.