Само во последното деноноќие во ГОБ „8 Септември“ се примени 18 нови пациенти заразени со корона вирусот и донесени во најтешка, животозагрозувачка состојба, изјави за Фактор директорот на болницата, д-р. Христијан Костов.
Веднаш по приемот на некое од одделенијата во Ковид-центарот, ваквите пациенти веднаш ги ставаат на кислородна поддршка или на респиратор.
-Ги носат со сатурација од 30 до 40, односно тоа е концентрација на кислород во крвта, што значи дека практично не можат да дојдат во воздух. Досега огромен број од колегите апелираа, а еве јас и денеска повторно ќе порачам дека граѓаните не смеат дома да се лекуваат одреден период и да чекаат да бидат донесени кога е предоцна. Од вкупниот број пациенти 100 се на кислородна поддршка, а 17 се на респиратор, вели д-р. Костов
Нагласува дека во моментов има 140 хоспитализирани пациенти, со што ГОБ „8 Септември“ претставува најголем Ковид-центар во Македонија, каде повеќе од 3 и пол месеци здравствените работници и останатиот персонал деноноќно се во битката за спасување животи.