На коалите им се заканува изумирање до 2050 година во австралиската држава Нов Јужен Велс, доколку итно не се преземе некоја акција, пренесува „Би-би-си“.
Коалите се загрозени последниве години поради загуба на живеалиштата, заболувања и климатски промени. За време на неодамнешните пожари загинаа околу 5.000 коали. И, тоа ги поттикна пратениците да обезбедат да не исчезне преостанатата популација. Затоа, формирана е посебна комисија и спроведено е истражување според кое имало 36.000 коали пред сезоната на пожари.
Минатата година пожарите кои уништија повеќе од пет милиони хектари уништија 24 проценти од живеалиштата на коалите.
Комисијата утврди дека климатските промени претставуваат постојана закана за овие животни поради уништувањето на живеалиштата од пожари и суши како и поради загрозувањето на квалитетот на евкалиптусот со кој се хранат коалите.
„Постојните стратегии што треба да ги штитат коалите не функционираат“, рече претседателката на комисијата Кејт Фаерман и додаде дека постојните закони не биле доволни. Затоа, комисијата даде 42 препораки, вклучително и формирање нови национални паркови.
„Коалите се национално богатство за кое ќе сториме сè што можеме за да ги заштитиме за идните генерации“, рече министерот за животна средина Мет Кин.
Минатата година, Австралискaта фондација за коали процени дека во Австралија немало повеќе од 80.000 коали. Загубата на живеалиштата, болести како што се кламидија и влијанието на климатските промени најмногу придонесуваат за нивното истребување.