Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во вечерашното интервју на ТВ Алсат, посочи дека би сакал да продолжи соработката со истите партнери односно со социјалдемократите.
„Сега, јас не сакам да прејудицирам, по моето мислење и процена, би било од полза да продолжиме истите партнери, затоа што има прашања кои сме ги започнале, одговори Ахмети на прашањето дали се гледа себе си во идно владеење со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ.
На дополнително прашање дека тоа значи оти го преферира СДСМ, тој кратко одговори: „Но, одлучуваат граѓаните“.
Дали може во Влада во која би била ДУИ да бидат и други албански партии, Ахмети рече дека не сака да прејудицира, но оти на него не му пречи.
За идејата за премиер Албанец и за кандидатот Насер Зибери, пак, тој рече дека идејата е на ДУИ, но името на кандидатот не е, но не одговори конкретно дали смета дека другите албански партии ќе го прифатат по изборите.
-Тоа е човек кој не е од редовите на ДУИ. Во својата професија, од 2004 година, и повеќе се занимавал со јавни мислења, анализи и такви нешта, рече Ахмети.
Тој неколку пати повтори дека се одлучни за идејата за премиер Албанец, но не одговори директно на прашањето што ако не успеат во идејата, каква одговорност ќе понесе тој како лидер.
„Ние сме одлучни за премиер Албанец. На 16 јули, тогаш поканете ме во студио и поставувајте ми ги овие прашања. Затоа што јас не можам да прејудицирам ситуации, рече Ахмети.