Со организатор, кој ќе контактира со полицијата, но ќе биде одговорен за текот на протестот и за евентуалните предизвикани штети, во иднина ќе се организираат протести и јавни собири во Грција, откако претходно ќе бидат најавени кај надлежните органи, кои ќе дадат дозвола, предвидува новиот предлог закон на Министерството за цивилна заштита на Грција, што вчера беше доставен во грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчки владини извори коментираат дека целта на новиот закон е да се гарантира правото на протести, согласно конкретна институционална рамка без да се загрози општествено – економскиот живот.
Според предлог законот, организаторот треба да ги извести надлежните за одржувањето на протестот, по што од полицијата ќе се одреди медијатор кој ќе биде во комуникација со организаторот за да се задржи редот и непречено одржување на собирот.
Паралелно, организаторот ќе има обврска да ги извести учесниците дека не може да носат предмети кои би можеле да се искористат за предизвикување насилство, исто така, да одреди група задолжена за чување на редот.
Исто така, организаторот ќе биде одговорен и за обесштетување на оние кои претрпеле штета од учесниците на собирот, без разлика дали тоа е физичка или материјална. Само доколку навреме известил и може да докаже дека ги презел сите мерки за да ја спречи штетата, тогаш ќе биде ослободен од одговорноста.
Предлог законот на Министерството за цивилна заштита на Грција, според грчките владини извори, предвидува во кои случаи може еден протест да се ограничи, да се растера или да се забрани.
Според истите информации, Здружението на трговци од Атина соопшти дека минатиот месец се одржале 80 протести, 53 од почетокот на месецов, а во просек центарот на градот бил затворен околу трипати дневно.
Предлог законот на Владата предизвика негативни реакции од грчките опозициски партии.