Европратениците одговорни за односите со Северна Македонија во Европскиот Парламент бараат кредибилна, транспарентна и објективна изборна кампања без дезинформации и заплашувања, јави дописничката на МИА од Брисел.
-На 15 јули, народот на Северна Македонија ќе го искористи своето политичко право да одлучи кој ќе владее со државата во следните четири години водејќи ја низ клучните фази на макотрпните преговори со ЕУ, изјави известувачот за Северна Македонија, Илхан Ќучук.
Неговата порака пред изборите во Северна Македонија, заедно со претседателот и потпретседателката на Мешовитиот парламентарен комитет, Андреас Шнајдер и Марион Валсман, се дека овие избори ќе бидат тест за политичката зрелост на земјата.
Со оглед на здравствената криза, европратениците бараат од сите политички чинители да се однесуваат одговорно.
-Бараме од властите да обезбедат фер изборен процес и соодветни заштитни здравствени мерки, пишуваат европратениците.
Тие потсетуваат и дека договорите за добрососедство со Грција и Бугарија ќе бидат „во самиот центар на европската иднина на Северна Македонија”, навестувајќи го со ова и фокусот на преговарачката рамка на Брисел во идните преговори за членство во ЕУ.
-Преку инклузивност, толерантност и позитивна дипломатија, Северна Македонија покажа дека е посветена да ги надмине внатрешните и надворешните поделби, поставувајќи пример за целото соседство. Продолжувањето на меѓупартискиот дијалог после изборите е од најголема важност. Најновата членка на НАТО има потреба од политичка извесност за да продолжи на патот на демократската консолидација и процесот на трансформација, е пораката на Европарламентот две недели пред парламентарните избори.
По изборите, потсетуваат пратениците, потребни ќе бидат целосно функционални институции како и посветена опозиција за да ја водат државата низ економската криза пост-ковид како и исполнувањето на ЕУ реформите.
Парламентот ги поздравува напорите на Европската Комисија да ја презентира преговарачката рамка што е можно побргу и бара од земјите членки да ја усвојат без одлагање.