Доколку бидат потврдени обвиненијата кои ги покрена специјалното обвинителство во Хаг против Хашим Тачи, претседателот на Косово најави дека веднаш ќе поднесе оставка. Ова Тачи го соопшти при обраќањето на јавноста од Приштина пет дена откако беше поднесен предлог за обвинение во кое се терети за воени злосторства и злосторства против човештвото.
-Косово е нова држава, но нејзините лидери мора да се однесуваат како вистински државници. Ќе го носам тој товар и ќе се бранам себеси, нашата слобода, со сета сила што ја имам. Нема да дозволам овие лажни обвинувања да го одвлекуваат вниманието на Косово од заземањето на местото во меѓународната заедница, како член на Обединетите нации, НАТО и Европската Унија, кажа меѓу другото Тачи во опширното обраќање.
Тој додаде дека Косово е „дом на сите негови граѓани, европско и мултиетничко општество“.
-Уште еднаш и кажува „не“ на одмаздата и „да“ на меѓуетничката толеранција – порача Тачи, истакнувајќи дека само со изградба на граѓанска демократија Косово гради евроатлантска иднина.
-Политички грешки во мирот можеби сум правел, но воени злосторства никогаш. Дури и кога би се вратил во мрачните времиња на Милошевиќ, би го направил истото, одговарајќи на куршумот на непријателот со куршум желен за слобода, не правејќи грешки кон граѓаните од српска, ромска или албанска националност, изјави Тачи.