Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави денеска дека е во контакт со меѓународните партнери, со цел да се утврди потенцијален одговор на новиот кинески закон за национална безбедност во Хонгконг.
Кинескиот Парламент тајно го усвои законот за безбедност кој ги ограничува основните слободи на Хонгконг и го овластува извршниот директор да именува судии за случаи по тој закон, објавија „Саут Чајна морнинг пост” и Би Би Си.
Во своите забелешки Фон дер Лајен истакна дека ЕУ сега се обидува да координира одговор по повикот за делување од Европскиот парламент.
– Навистина доследно соопштивме дека Кина ќе ризикува многу негативни последици доколку продолжи со овој закон, вклучувајќи ја деловната доверба, кинеската репутација, парцепцијата на јавноста во Хонгконг и на меѓународно ниво, нагласи таа на прес-конференција по виртуелниот самит со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.
На прашањето дали ЕК ќе го земе предвид повикот на Европскиот парламемт да ја тужи Кина пред Меѓународниот суд на правдата или дали разгледува други активности, како на пример забрана за извоз на технологија која може да се употреби во мировни или воени цели во Хонгконг, Фон дер Лајен одговори дека Комисијата многу внимателно ќе ги процени следните чекори.