Европската Унија силно ја осудува одлуката на режимот на Николас Мадуро за протерување на нејзиниот амбасадор од Венецуела и бара од властите да се вратат на преговарачката маса, јави дописничката на МИА од Брисел.
Владата на Мадуро, која не е признаена од повеќето западни земји, му даде 72 часа на амбасадорот на ЕУ во Венецуела да ја напушти земјата. ЕУ „длабоко жали” што земјата продолжува меѓународно да се изолира и „цврсто ја осудува оваа одлука”, стои во официјалната реакција на високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, објавена вечерва.
-Длабоката политичка и социоекономска криза низ која минува Венецуела може да се реши само со мирно и компромисно решение помеѓу Венецуелците. Решението мора да се темели на кредибилни избори, признавање и почитување на улогата и независноста на сите демократски избрани институции, посебно Националното Собрание, како и ослободувањето на сите политички затвореници и почитувањето на човековите права и темелните слободи, порача ЕУ.