Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска соопшти дека во северна Европа се регистрирани малку покачени нивоа на радиоактивност, иако не постои ризик за здравјето на луѓето и животната средина, но причината сè уште не е позната.
Финскиот, норвешкиот и шведскиот контролор на радијација и нуклеарна безбедност минатата недела соопштија дека забележале мали количини на радиоактивни изотопи во делови од Финска, јужна Скандинавија и Арктикот.
Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, вчера изјави дека „нивоата што се пријавени во МААЕ се многу ниски и не постои ризик за здравјето на луѓето и животната средина“.
Агенцијата на ОН со седиште во Виена во саботата контактираше со европските земји за да побара информации.
До понеделник попладне, 29 земји доброволно известиле дека на нивната територија не се случило ништо што може да предизвика концентрација на изотопи во воздухот. Неколку земји надвор од Европа пријавиле слични наоди.
Русија не е на списокот на земји што се пријавиле на МААЕ до вчера.
– Очекувам дека повеќе земји членки ќе ни дадат релевантни информации и податоци и ние ќе продолжиме да ја информираме јавноста, рече Гроси.
Холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина во петокот објави дека изотопите би можеле да бидат од извор во Русија и може да укажуваат на оштетување во нуклеарната централа.