Високиот комесар на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) го повика унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од заострувањето на системот за барање азил, чии делови го кршат меѓународното право.
Унгарија ги затвори таканаречените транзитни зони за мигрантите минатиот месец, ослободувајќи околу 300 бегалци од услови слични на притвор, но, исто така, ги заостри правилата и ги забрани идните побарувања за азил во пракса.
Новите правила бараат барателите на азил да аплицираат во конзулатите на соседните земји, а не на унгарската граница.
УНХЦР: Можноста за пристап до територијата е клучен предуслов за да имате право да барате азил
„Ова може да ги изложи барателите на азил на ризик од протерување и лошо постапување, што е кршење на Конвенцијата за бегалци од 1951 година и други меѓународни и регионални инструменти за човекови права чија потписничка е и Унгарија“, соопшти УНХЦР.
„Можноста за пристап до територијата е клучен предуслов за да имате право да барате азил“, се додава во соопштението.
Портпаролот на унгарската влада тврди дека новите правила им овозможуваат на барателите на азил да ги достават своите барања на регулиран начин.
„Илегалната миграција е спротивна на регулативите на Унгарија и нa Европската Унија“, рече портпаролот.
„Затоа, во согласност со ставот на унгарскиот народ, Унгарија ќе продолжи да ги заштитува шенгенските граници на ЕУ од илегална миграција“, додаде тој.
УНХЦР ја повикува владата на Орбан да се откаже од новите мерки и да го врати системот за барање азил во рамки на меѓународното и европско право.