Заев: Утврдена е преговарачката рамка, македонската интеграција забрзува, одиме во ЕУ

Изјава за медиуми на претседателот на СДСМ, Зоран Заев пред Собранието

 

Вчера сведочевме уште една многу важна, историска епизода во нашето движење кон членство во ЕУ. Европската комисија вчера го утврди предлогот за Преговарачка рамка за преговорите за членство во ЕУ и го достави на разгледување до државите членки на ЕУ.
Оваа вест уште еднаш потврдува дека чекориме напред по патот што го исцртавме. Северна Македонија оди уште поблиску кон Унијата. Македонската интеграција забрзува.

Оваа вест доаѓа по цели 19 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација како прв чекор кон интеграцијата кон ЕУ, 15 години од добивањето на кандидатскиот статус за членство во ЕУ, по 11 позитивни препораки за почеток на преговорите и по историската одлука на Европскиот Совет за почеток на преговорите за членство на нашата земја во ЕУ на 26 март оваа година. Очекуваме веќе наредната недела да започне дискусијата по рамката за преговори на експертско ниво, и во периодот пред нас рамката да биде усвоена од државите членки, со што преговорите и формално ќе може да започнат.

Со овој предлог на преговарачката рамка се утврдуваат правилата и принципите по кои ќе се одвиваат преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Вчерашниот ден е само силна потврда дека нашата татковина сигурно чекори на европскиот пат, пат кој носи суштински реформи, владеење на правото, економски развој, здрава животна средина, силно земјоделие и шанси за подобар живот на сите македонски граѓани, тука – дома.
Ова е процес што ни ја носи Европската унија дома. Со отворањето на преговорите ние почнуваме нова фаза од нашето унапредување, нова фаза од македонската европеизација. Започнува побрзо воведување европски стандарди во сите области, наша интеграција во економскиот и политичкиот систем на Европската унија.

По членството во НАТО, полека но сигурно го забрзуваме и процесот на интеграција во ЕУ. Двете стратешки определби ги остваруваме во период од само три години. Тоа е успех на Владата, институциите предводени од СДСМ, тоа е успех и на сите граѓани кои се определени иднината да ја градиме во ЕУ.  Благодарни сме на историското хрватско претседателство со ЕУ кое ни ја донесе одлуката за почеток на преговорите за членство во март оваа година.

Големо задоволство ни е што токму вчера, на првиот ден на германското претседателство со ЕУ е утврдена преговарачката рамка како предлог до државите членки. Убедени сме дека со помош на институциите на ЕУ и под водството на германската канцеларка Меркел во текот на германското претседателство оваа Преговарачка рамка ќе биде усвоена и дека ќе ги започнеме и формално преговорите за членство со прва Меѓувладина конференција отворајќи ги поглавјата од првиот пакет, а тоа се:

Поглавје 23- Правосудство и темелни права; Поглавје 24- Правда, слобода безбедност; Економските критериуми; функционирањето на демократските институции; реформата на јавната администрација; Поглавје 5- Јавни набавки; Поглавје 18- Статистика и Поглавје 32- Финансиска контрола.

Ова е многу сериозен процес кој може да го води само политичка влада, про-европска Влада, демократска Влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и коалицијата „МОЖЕМЕ”. Докажавме дека знаеме и умееме да ја водиме државата по вистинскиот пат, низ стабилни и сигурни води, во патека на постојан развој, стабилност и демократија.

Влеговме во НАТО! Денеска, докажуваме: Можеме и во ЕУ!

Затоа почитувани граѓани, на 15 јули масовно да излеземе на гласање и да дадеме поддршка овој пат и оваа успешна приказна да продолжи успешно за сите граѓани, за сите нас.

Заедно постигнавме многу. И сите знаеме дека заедно ќе постигнеме Уште Повеќе и Уште Подобро. Тоа го знаеме, го умееме и го МОЖЕМЕ!

Северна Македонија, македонскиот народ, сите граѓани од сите заедници и ние како власт, покажавме решителност, капацитет, способност и патриотизам да ја издигнеме државата на ниво со европските развиени држави и подготвени да ги браниме интересите на нашата економија, нашето земјоделство, нашата животна средина и се што наше, а воедно е и европско.

Во таква држава заслужуваат да живеат сегашните, но и идните генерации

Треба да знаете
Последни објави