Нови 120 потврдени со КОВИД-19 од 954 тестирања, од кои над половината (64) се од Скопје, а 14 од Тетово. Останатите заразени со вирусот од вчерашниот билтен на Министерството за здравство се од 12 други општини каде што бројот на нови случаи е помалку од 10. Починаа и четворица пациенти на возраст од 51, 56, 58 и 67 години. Билтенот ги бележи и оздравените кои вчера беа тројца повеќе отколку новозаразени, односно 123.
Со новите случаи, вкупниот број заболени од почетокот на епидемијата во земјава достигна 6454 од вкупно 61 727 направени тестови. Од првата жртва во март, починаа 306 пациенти. Активни случаи се 3550, а од нив 2049 се во главниот град. Трицифрени активни случаи има во Тетово (394), Куманово (211), Штип (160), Охрид (150) и Струга (140).
Се зголемува бројот на заразени и во општина Дебар која беше прво жариште на болеста. Во изминатото деноноќие се потврдени уште четворица новозаразени со што вкупниот број на дијагностицирани на КОВИД-19 се зголеми на 96. Од нив 45 се од вториот бран на пандемијата, која се врати по педесет дена, на 5 јуни. Карактеристично е што сега заболените се млади лица.
Нов кластер има и во Куманово, каде што во вчерашниот билтен беа регистрирани четворица новозаразени. Од почетокот на епидемијата во оваа општина се дијагностицирани 760, а активни се 211 случаи.
Во Штип, пак, која е четврта општина по бројот на активни случаи (160), вчера е дијагностициран вработен во затворот но, според управата, нема опасност за ширење на коронавирусот меѓу осудениците. Заразените во Штип се од познатите фабрички кластери и членови на нивни семејства.
Осум џамии во Кичево ќе бидат привремено затворени затоа што активни се 25 случаи, а меѓу нив и имамот на една градска џамија. Кичевскиот муфтија изјави дека ќе бидат затворени до утре кога ќе има петочна молитва со строго почитување на здравствените препораки.
Меѓу скопските општини, Чаир и натаму е со најмногу активни случаи (454), а следуваат Гази Баба со 185, Бутел – 173, Карпош – 170, Аеродром – 166, Сарај – 163, Центар – 152, Кисела Вода – 119 и Ѓорче Петров – 118, а во поширокиот скопски регион најмногу активни има во Студеничани (111).
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека се намалува бројот на приеми на пациенти споредено со пред десетина дена и дека по долго време вчера првпат бројот на испишани пациенти на Инфективната клиника е поголем од примени. Најави дека деновиве ќе биде пуштен системот за закажување „МојТермин” во оние клиники и одделенија каде што лекарите не ротираат.
Министерот рече дека засега на седници на Владата и на состаноците со Комисијата за заразни болести не е разговарано за евентуално затворање на границите и за рестрикции на проток на луѓе од Србија и Косово поради зголемениот број на заболени со КОВИД-19 во тие земји, но дека деновиве ќе разговараат со нивните здравствени власти за ситуацијата и за потенцијалните ризици за нашата земја.
– Ако во кој било момент одлучиме дека е потребна некаква рестриктивна мерка, дали е тоа премин преку граница или рестрикција во движење во кој било дел од земјата, тоа ќе го препорачаме, изјави Филипче.
И премиерот Оливер Спасовски на прашање дали ќе се затвори северната граница, со оглед на состојбата со коронавирусот, одговори дека секојдневно ги следат и анализираат состојбите и кај нас, и во регионот. Посочи дека ако има каква било потреба или оправданост што ќе произлезе од Комисијата за заразни болести, ќе се донесат одлуки затоа што, како што рече, „наш голем приоритет е ние да се заштитиме, да ја заштитиме државата и да го заштитиме здравјето на граѓаните”.
Иако почна да работи, вчера околу пладне грчките погранични службеници повторно го затворија копнениот премин „Евзони”. Нивната одлука ќе се применува најмалку до 15 јули. На патниците и туристите кои од вчера можеа да патуваат кон Грција им беше препорачано за влез во таа земја да ги користат граничните премини преку Бугарија. За транзитниот товарен сообраќај нема пречки.
По три и пол месеца вчера почнаа да работат двата аеродрома во државава. На првиот работен ден по рестартот, на скопскиот аеродром пристигнаа 292 патника, а од него заминаа 448, а на охридскиот дојдоа 38 и замина 144 патници.
Во периодот на прекинот на авиосообвраќајот поради пандемијата, кој траеше од 19 март до 30 јуни, беа реализирани 54 хуманитарни летови, од кои 20 за влез во државата и 34 за излез, и беа превезени вкупно 4 531 патник. Од вкупниот број летови, 18 беа за медицински цели.