Албанија е избрана за потпретседател на 75-та седница на Генералното собрание на ОН,функција која ќе ја обавува амбасадорката на оваа земја во светската организација Бесиана Кадаре.
Соопштувајќи ја веста Кадаре напиша дека е „горда да објави дека Албанија е избрана за заменик претседател на 75-та седница на Генералното собрание на Обединетите нации и оти со нетрпение очекува да соработува со Волкан Бозкир,од Турција кој е новозбраниот претседател”.
-Голема привилегија и извонредна одговорност е да и служам на мојата земја на оваа важна функција, додава Бесиана,која е ќерка на еден од најпознатите албански писатели Исмаил Кадаре.
Секоја регионална група, како што пренесува албанската државна агенција АТА, во Обединетите нации е претставена од потпретседател на Генералното собрание. Албанија ќе ја претставува групата Источна Европа, која ги вклучува Балканот, Источна Европа, Русија, Украина, Белорусија, Азербејџан, Ерменија и други.
Поздравувајќи го изборот шефот на државата Илир Мета оцени дека „тоа е многу добра можност за достоинствено претставување на Албанија во оваа многу значајна светска институција”.
За парламентарниот спикер, Грамоз Ручи, изборот на Бесиана Кадаре претставува национален и политички успех.
Посакувајќи и успешна работа,овластениот министер за Европа и надворешни работи,Гент Цакај, додава дека „изборот на Албанија на оваа висока институционална позиција јасно го докажува растечкото присуство на албанската дипломатија во ООН”.