Иако многумина сметаа дека први на удар ќе бидат ќе бидат постарите вработени заради нивната возраст и заради нивните квалификации, Европската комисија е позагрижена за младите. Покрај тоа, таа ги повика земјите членки на ЕУ да се обединат во борбата против невработеноста кај младите, која расте од ден на ден за време на корона-кризата.
ЕК предлага проширување на тековната програма Гаранција за младите, која беше воведена во 2013 година. Програмата предвидува на помладите работници на возраст од 15 до 25 години, во рок од четири месеци по завршувањето на школувањето или од почетокот на невработеноста да им обезбеди понуда за работа, стажирање или понуда да се вратат на образованието.
Сепак, ЕК врши притисок за границата да биде пoместена на 29 години. Нејзиниот потпретседател, Валдис Домбровскис, предупредува дека за време на пандемијата невработеноста кај младите растеше брзо – побрзо од општата стапка на невработеност. Во моментов изнесува 15,4 проценти.
Како и да е, од Комисијата доаѓаат предупредувања дека ситуацијата би можела значително да се влоши, односно може да ја достигне онаа од 2008 година, кога во некои земји членки на ЕУ невработеноста кај младите беше дури 50 проценти. Тогаш беше измислен терминот „изгубена генерација“.
Иако сè уште не е драматично, постојат ризици, а младите би можеле да бидат главни „економски жртви“ на коронавирусот. Предлогот на ЕК, исто така, предвидува посилен фокус на образованието на младите и развој на вештини – со зголемување на инвестициите во такви програми.