Изјава за медиуми, Зоран Заев, претседател на СДСМ
Секогаш е задоволство да се биде во струмичкиот крај, меѓу чесните и работливи граѓани од овој регион. Денеска, овде во Ново Село го искористивме пазарниот ден да разговараме со земјоделците, со пазарџиите, со трговците и пред нив да ја презентираме нашата понуда.
Земјоделците и овде во Ново Село и низ целата држава знаат дека во СДСМ имаат партнер кој се грижи за нив и го цени нивниот труд. 480 милиони евра во последните три години насочивме кон земјоделците, преку директна или индиректна финансиска поддршка.
Тоа ќе продолжиме да го правиме и во следниот мандат каде обезбедуваме 200 милиони евра годишно финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој.
Три години вложуваме во секоја гранка од земјоделството и тоа ќе продолжиме да го правиме. Конкретно, во делот на градинарството, гранката која е најзастапена овде во Ново Село и струмичко го олеснивме процесот за аплицирање за субвенции. Ја зголемивме субвенцијата за 6.000 денари за развојните производители со површина од 1 до 5 хектари. Зголемивме и исплативме дополнителни субвенции за лубеница, домат, за зелката.
Тоа е вистинска грижа, тоа е вистински партнерски однос кој го градиме со земјоделците.
Но тоа е и мотив, да продолжиме уште подобро, да донесеме уште повеќе за нашите земјоделци.
Во новиот мандат, обезбедуваме сигурен пласман и современи услови за складирање на градинарските производи преку изградба на 3 откупно-дистрибутивни центри, еден од нив и овде во Струмица. И во следниот мандат ќе продолжиме да им помагаме на младите земјоделци на жените од руралните средини преку постојано зголемување на неповратните средства кои ги добиваат за да се занимаваат со земјоделство.
Од една страна е ова, директна и конкретна помош и поддршка кон земјоделците, од другата страна е ВМРО-ДПМНЕ со лагите, со манипулациите и понижувањето врз земјоделците.
Огромна е таа разлика помеѓу нашите концепти и тоа ќе се потврди на 15 јули и овде во Ново Село и во Струмица и низ целата наша држава.
Земјоделците ќе изберат повисоки субвенции, повисоки грантови и сигурен пласман, а по 15 јули заедно со нив ќе покажеме дека можеме и уште повеќе и уште подобро.